Министерот за здравство Венко Филипче бара од надлежните да контролираат дали се применуваат мерките кои ги донесе Владата за заштита од КОВИД-19. Ова доаѓа по бројните примери дека не се носат заштитни маски, не се држи задолжителното растојание од два метра меѓу двајца и не се почитува забраната за групирање повеќе од двајца.
„Има граѓани кои ги почитуваат мерките и ним сум им многу благодарен. Но има и лица кои не ги почитуваат. Затоа, апелирам до институциите кои се должни за контрола на активните мерки, да ја прават таа контрола. Не смееме да дозволиме сè што направивме до сега, сите одрекувања, сите жртви да пропаднат и да се вратиме на почеток“, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција.
Велешката полиција нема констатирано прекршоци во досегашниот период, само предупредува за не носење маски и недржење растојание.
„За време на викендот, на подрачјето на СВР Велес полициски службеници превентивно ги опоменуваа граѓаните кои не носеа заштитни маски и не ја почитува обврската за задолжително растојание од два метра помеѓу две лица“, кажа Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес, на прашањето дали уредбите на Владата со законска сила за држење растојание и носење на заштитна маска, се применуваат од граѓаните и дали велешката полиција констатирала прекршоци.
Затоа пак, нивниот претставник во Општинскиот кризен штаб, неодамна посочил дека од почнувањето на вонредната состојба до 13 мај поднеле 106 кривични пријави за „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, или толку лица биле уапсени во време на полициски час, на улиците од Велес.
П. ПЕЧКОВ