ГРАД СКОПЈЕ ГИ БРИШЕ ГРАФИТИТЕ СО ГОВОР НА ОМРАЗА

    ГРАД СКОПЈЕ ГИ БРИШЕ ГРАФИТИТЕ СО ГОВОР НА ОМРАЗАВо рамкиите на есенската акција за чистење на градот, посебни тимови ќе ги бришат и пораките на ѕидовите на зградите и објектите низ градот низ кои се искажува говор на омраза.(Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со отстранување на графитите кои содржат говор на омраза. Во рамките на есенската акција за чистење на градот, посебни тимови ќе ги бришат и пораките на ѕидовите на зградите и објектите низ градот низ кои се искажува говор на омраза.

    „Тоа не значи дека градот е против урбаната уметност на графитите, туку против говорот на омраза. Урбаната уметност и графитите се симбол на секој град и Град Скопје го стимулира тоа, меѓутоа содржини со говор на омраза се неприфатливи“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

    Во рамките на есенската акција за чистење, јавните претпријатија на Град Скопје ќе ги чистат споредните улици и ќе се промовира акцијата за собирање на кабаст отпад, односно негово правилно одлагање во специјални садови, а не во контејнерите. Од денеска до вторник на посебни локации во секоја општина ќе бидат поставени специјални садови во коишто граѓаните ќе можат да одлагаат кабаст отпад односно стар мебел и отпад од електронската и електричната опрема.

    Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека одлагањето на кабастиот отпад им е најголем проблем бидејќи граѓаните го фрлаат крај контејнерите или во нив. Со тоа се создава слика дека контејнерите се полни и не се празнат редовно.

    „Ова ќе стане практика. Секој месец во одредени денови ќе се поставуваат специјални садови за одлагање на кабаст отпад. Апелираме до граѓаните да ги почуваат новите комунални правила односно ваквиот отпад да го фрлаат на локациите кои се одредени. Сите заедно треба да придонесеме за чист град и здрава животна средина“, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира