ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО РЕНОВИРА КЕЈ 13 НОЕМВРИ, ДАЛИ СРЕДЕ ШЕТАЛИШТЕТО ЌЕ ИМА КАФУЛИЊА ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ СЕ ОДЛУЧИ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО РЕНОВИРА КЕЈ 13 НОЕМВРИ, ДАЛИ СРЕДЕ ШЕТАЛИШТЕТО ЌЕ ИМА КАФУЛИЊА ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ СЕ ОДЛУЧИОсвен што речиси цело шеталиште е зафатено со летни тераси односно цели објекти на кафулињата, плочникот е искршен и постојано окупиран со коли кои се движат низ кејот и паркираат кај ќе стасаат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кејот 13 Ноември во центарот на Скопје комплетно ќе се реновира. Град Скопје деновиве распиша тендер за избор на фирма која ќе врши партерно уредување на кејот, на потегот од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“.

    Според тендерската документација, предвидено е отстранување на старите и оштетени плочки, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите, како и крајните жардинерите кои се еден вид ограда. Иста така, се бара да се изврши демонтажа на постоечките летни тераси на кафулињата кои се располани по речиси целата ширина на кејот и повеќе наликуваат на објекти отколку на летни тереси. Треба да се отстрани и киоскот кој беше поставен на кејот во времето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ за продажба на сувенири, но никогаш не проработи.

    Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов објаснуваат дека урбаната опрема на кафулињата поставена на кејот мора да се отстрани за цела површина да се поплочи.

    „Дали потоа ќе бидат вратени тераси на кафулињата во иста или во друга форма, дополнително ќе одлучиме“, велат од кабинетот на Шилегов.

    Откако сите објекти, плочките и урбаната опрема ќе се отстранат, ќе се постават пет вида партерни плочки, 72 смарт клупи, жардинери, бетонски корпи за отпадоци, бетонски и електрични столпчиња и ќе се засадат јавори.

    Со оглед на тоа дека низ кејот постојано се движат коли и камиони за дотур на стока, поради што плочникот е целосно искршен и пешаците нема кај да одат, се предвидува нов систем за регулирање на влезот. На влезот на кејот ќе се постават хидраулички столпчиња и уред кој ќе ги чита регистрациите на возилата кои ќе смеат да влезат. Дозволен ќе биде влез само за возилата на „Телеком“. Тоа значи дека кејот нема целосно да се ослободи од возила туку само ќе се намали нивниот број. Од Град Скопје велат дека после работното време на „Телеком“, односно попладне и навечер, воопшто нема да има движење и паркирани коли низ кејот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира