Градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, целосно е отворено, без заштитна ограда. Од силниот ветер кој дуваше во средата вечерта, урната е лимената ограда со која беше оградена и заштитена дупката на градилиштето.
Иако поминаа четири дена од невремето, сопственикот на објектот не го заштитил просторот, па дупката зјае веднаш до улицата Даме Груев. Пешачкиот премин кој води кон плоштадот ВМРО е блокиран со лимови, парчиња камења, шипки и друг градежен материјал.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека општинската инспекција излегла на терен уште во четвртокот и му наложила на сопственикот на објектот веднаш да го заштити просторот.
„Ако не е постапено, нашите инспектори повторно ќе излезат во контрола и инвеститорот на овој објект ќе биде санкциониран“, вели Богдановиќ.
Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна пред две години, бидејќи од претходното раководство на Општина Центар добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново.
Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа во мај лани почна со градежни работи, беше поставена дури и втора плоча, а беа поставени и арматури за носечките столбови. По пишувањата на САКАМДАКАЖАМ.МК Општина Центар во јуни 2019 му достави решение за стопирање на градбата.
Околните жители велат дека инвеститорот не ја почитува забраната за градба и постојано во градилиштето се изведуваат градежни работи.
Колкава ќе биде висината на објектот од Општината велат дека ќе се знае кога ќе се заврши изработката на новиот детален урбанистички план, но постојано уверуваат дека нема да добие поголема висина од претходната.
А. АНТЕВСКА