ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО ОХРИД, СТРУГА, ДЕБРЦА И ВЕВЧАНИ ЌЕ ИМА ПО ВТОРИОТ КРУГ ОД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО ОХРИД, СТРУГА, ДЕБРЦА И ВЕВЧАНИ ЌЕ ИМА ПО ВТОРИОТ КРУГ ОД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИКирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ освои 14.380 гласови и води пред Константин Георгиески од СДСМ со освоени 12.460 гласови. (Фото СДК.МК)

    Општините Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани ќе добијат градоначалници по вториот круг од локалните избори. Според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК), во Охрид во првиот круг Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ освои 14.380 гласови, додека Константин Георгиески од СДСМ освои 12.460 гласови.
    Пецаков, кој со 1.920 гласови гласови предност оди во вториот круг, славејќи ја победата рече дека народот јасно покажа оти сака промени.

    „Чесни, со крената глава и достоинствено, ја побаравме поддршката на охриѓани и ја добивме. Народот е свесен дека на Охрид и Македонија им се потребни промени. Ова е победа на сите што заслужуваат заедничка иднина. Охриѓани јасно докажаа дека се против криминал, корупција и апатија и сакаат промени и нова светла иднина“, рече Пецаков на денешната прес-конференција.

    Сашо Донев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и носител на советничката листа, рече дека во следниот круг победата ќе биде уште поголема, уште посилна, уште похрабра за нова и светла иднина на Охрид.

    „СДСМ и Георгиески се поразени. Денеска насекаде се слуша гласот на промените. На охриѓани им е доста од криминал, корупција, пазарења и непринципиелни коалиции. Нè чека работа, од денеска повторно на работа, за народот и решавање на сите проблеми на граѓаните. Ќе стигнеме до секој еден гласач, затоа што потребни сме му сите заедно на Охрид“, кажа Донев.

    Кандидатот од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ и актуелен градоначалник  Константин Георгиески, по добиените првични резултати од првиот круг од локалните избори смета дека во изминатиот период покажал што значи љубовта за Охрид и дека тој е човек што никогаш не се откажува.

    „Затоа продолжувам заедно со вас уште посилно, уште похрабро, уште попосветено да работам за интересите и иднината на нашиот град. Ви благодарам за довербата и поддршката која ми ја давате. Таа е мој мотив и сила да продолжам понатаму во уште една важна битка. Охрид мора да продолжи да оди напред, во Охрид мора да победат искрените намери, вистинските проекти и мерките кои носат подобар живот за сите“, рече Георгиески и додаде дека тој верува во сограѓаните и во нивната вистинска одлука, со која нема да дозволат Охрид да се врати назад во рацете на режимски политичари без визија и концепт.

    Во соседна Струга, во втор круг во градоначалничката трка одат Рамис Мерко од ДУИ (10.956 гласови) и Идри Истрефи од Алијанса на Албанците и Алтернатива (9.421).

    Жителите на Општина Дебрца во втор круг ќе избираат помеѓу актуелниот градоначалник кој на овие избори се кандидира како независен, Зоран Ногачески (1.053), и Игор Крцоски од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ (979).

    Во Вевчани и двајцата кандидати одат во втор круг. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Спасе Кочовски (776) има предност од 78 гласови пред кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник, Сашо Јанкоски (698).

    Вториот круг на локалните избори ќе се одржи по две недели.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира