ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ИЗВИНИЈА ШТО ЈА ПОДДРЖАА КАНДИДАТУРАТА НА АРСОВСКА, АМА ВЕЛАТ СЕ КААТ ЗА ФАТАЛНАТА ГРЕШКА

    ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ИЗВИНИЈА ШТО ЈА ПОДДРЖАА КАНДИДАТУРАТА НА АРСОВСКА, АМА ВЕЛАТ СЕ КААТ ЗА ФАТАЛНАТА ГРЕШКАСАКАМДАКАЖАМ.МК ги праша градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓиевски, Муцунски, Стојкоски, Костовски и Стефковски дали ќе се извинат на граѓаните што ги излажаа да гласаа за Арсовска велејќи им дека е жена менаџер која ќе го направи Скопје модерен град. (Фото: Фејсбук)

    Скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ денеска остро ја критикуваа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која со нивна поддршка дојде на функцијата по локалните избори во 2021. Тие денеска најавија кривични пријави за Арсовска поради проблемот со ѓубрето, а побараа и оставка оти сметаат дека е неспособна да го води Градот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, на Аеродром Тимчо Муцунски, на Ѓорче Петров Александар Стојкоски, на Бутел Дарко Костовски и на Гази Баба Борче Стефковски дали ќе им се извинат на граѓаните што ги излажаа да гласаа за Арсовска велејќи им дека е жена менаџер која ќе го направи Скопје модерен град. Тие во изборната кампања заедно со Арсовска шетаа низ општините, снимаа заеднички спотови и бараа граѓаните да гласаат за неа. За година и 8 месеци од мандатот на Арсовска, Скопје 7 месеци беше без јавен провоз, неколку месеци не беше искосена тревата, а сега не се собира ѓубрето. Станува збор за дејности кои се основни во функционирањето на еден град.

    Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски единствено одговори на нашето прашање, велејќи дека тоа било најголема грешка што ја направил во животот.

    Точно е дека во одреден момент политичка проценка било дека треба да се даде поддршка на независниот кандидат Данела Арсовска. Длабоко се каам што сум дал поддршка на човек кој сега го девастира градот. Политичка одговорност ќе поднесам ако јас направам грешка во Општината која ја водам. Ова што се случуива ниту било ниту ќе биде во Скопје. Чувствувам длабоко каање што сме дале поддршка и сме сметале дека имаме добар кандидат. Секој може да направи грешка, нашава е фатална, но се надевам и верувам дека нема да се повтори“, одговори Ѓорѓиевски.

    Ниту еден од скопските градоначалници нема контакт со Арсовска. Градоначалничката единствено разговара со градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и градоначалниците на Сарај и Чаир Блерим Меџети и Висар Ганиу.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира