Преку анкета, жителите на Општина Карпош ќе одлучат според кое идејно решение ќе се реновира спортската сала „Партизан“. Откако Владата на седницата во средата ја предаде во владение на Општина Карпош, градоначалникот Стефан Богоев најавува дека догодина ќе почне реконструкцијата.
„За салата имаме две идејни решение кои бесплатно ги добивме, едно од наши млади архитекти и второто од архитекти од Шпанија и Бразил. Ќе ги изложиме двете решенија на сајтот на Општината и според она кое ќе го изберат граѓаните ќе се прави главниот проект за реконструкција и враќање на овој култен објект, не само на карпошани туку и на сите жители на Скопје“, вели Богоев.
- САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ РАСПАЃА, РАЗУРНАТА И ЗАПАЛЕНА
-
ВЛАДАТА И ОПШТИНА КАРПОШ НАЈАВУВААТ СПАС И ОБНОВА НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“
Во Општината уште не знаат колку ќе чини реновирањето на салата, но велат дека средства ќе се обезбедат од Агенцијата за млади и спорт. Во буџетот на Агенцијата за 2020 година веќе се предвидени пари за оваа намена.
„Во изминатиот период, имавме средби со архитекти и други лица кои работеле при изградба на салата. Според првичните проценки, статиката е добра и нема да има потреба целосно да се урива туку ќе се реновира врз основа на постоечката градба. Откако ќе го направиме главниот проект ќе знаеме колку ќе чини реновирањето“, додава Богоев.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 5 јануари годинава објави дека некогашната култна сала сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло, по што Општината почна со активности за реновирање на салата. Речиси цела година Општина Карпош чекаше Владата да им ја предаде во владение за да може да почнат со постапките.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.