И ПЕШАЧКАТА ЗОНА НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ СТАНА ПАРКИНГ, ПОЛИЦИЈА НЕ КАЗНУВА, ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА

    И ПЕШАЧКАТА ЗОНА НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ СТАНА ПАРКИНГ, ПОЛИЦИЈА НЕ КАЗНУВА, ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈАНа само 50 метри од местото каде се паркираат возила се наоѓа катната гаража „Беко“, но, и покрај тоа возилата се паркираат на пешачки дел оти на влезот од улицата нема столпчиња, ниту полицијата и Општина Центар казнуваат. (Фото: Твитер/@box_kiki)

    Коли и комбиња секој ден слободно влегуваат и се паркираат на пешачката зона на улица Македонија во строгиот центар на Скопје. Делот кај скулптурата „Бик“ е блокиран од возила, а полицијата, општинските и градските инспектори и пајак службите на Град Скопје и Општина Центар не реагираат.

    На само 50 метри од местото каде што се паркираат возила се наоѓа катната гаража „Беко“, но, и покрај тоа возилата се паркираат на пешачки дел оти на влезот од улицата нема столпчиња. Од секојдневното движење на коли и комбиња за дотур на стока целосно е уништен плочникот на улицата, искршени се корпите за отпадоци и ѓубрето е расфрлано низ целата пешачка зона.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека знае за овој проблем. Објаснува дека граѓани постојано ги кршат хидрауличните столпчиња, а не можат да казнуваат за неправилно паркирање оти тешко добиваат асистенција на полиција.

    „Зависиме од полицијата од каде тешко добиваме асистенција. Ако немаме полиција колата и да е паркирана на сред улица не можеме да ги казниме. Пајак во овој дел не може да влезе оти долж улицата се наоѓаат клупи за седење и не може да помине. Но, затоа набавивме блокатори и две возила кои постојано ќе патролираат низ центарот и ќе ги блокираат возилата кои не се правилно паркирани“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    Богдановиќ вели дека проблемот што го имаат со паркирани возила на пешашки патеки, паркови, на Кејот и на улица Македонија, како и со несовесното фрлање на ѓубре и уништување на урбаната опрема ќе се реши со комунална поциција.

    „Апелирам побрзо да се донесе Законот за комунална полиција. Сега општините немаат доволно инспектори ниту пак ингеренции какви што би имала комуналната полиција. Тогаш нема да мора да чекаме Министерството за внатрешни работи да ни прати полицајци“, додава Богдановиќ.

    Градоначалникот Петре Шилегов на 5 септември лани за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ќе бара да се донесе Закон за комунална полиција. Но, тој закон нема да се донесе насокоро со оглед на тоа дека уште не поминал на владина седница, а од први април Собранието нема да работи поради претседателските избори.

    Низ Скопје буквално блокирани со коли се сите пешачки зони – Кејот 13 Ноември, тротоарите долж булевари. Буквално пред секое кафуле или кафеана низ центарот стојат паркирани по неколку возила дури и на главни улици и булевари. До пред еден месец не работеше ниту рампата пред вториот дел на Градскиот парк, па возила си влегуваат во паркот и се паркираа низ зеленилото и патеките.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира