ИЛЈАДА ЖИТЕЛИ ОД ГРАДСКИ ЅИД ЌЕ ТУЖАТ ВО СТРАЗБУР АКО ВЛАСТА ДОЗВОЛИ ГРАДЕЊЕ НА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“

    ИЛЈАДА ЖИТЕЛИ ОД ГРАДСКИ ЅИД ЌЕ ТУЖАТ ВО СТРАЗБУР АКО ВЛАСТА ДОЗВОЛИ ГРАДЕЊЕ НА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“Граѓани му порачаа на Богдановиќ кој се плаши од тужба од инвеститорот дека и ако даде дозвола и не донесе суспензија пак ќе биде поднесена тужба и тоа пред меѓународен суд.(Фото: МГ Фешн)

    Околу илјада граѓани, сопственици на станови и деловен простор во зградите Градски ѕид спроти парцелата кај „Холидеј ин“, најавуваат тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права доколку градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ даде градежна дозвола за 20-катниците. Тоа значи дека во секој случај Општина Центар или државата ќе бидат тужени откако вчера градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека може да заработи тужба од инвеститорот ако се донесе суспензија на Деталниот урбанистички план. Сега граѓани му велат дека и ако даде дозвола и не донесе суспензија пак ќе биде поднесена тужба и тоа пред меѓународен суд.

    Во писмото потпишано граѓани од 320 станбени единици и 20-тина деловни субјекти, испратено до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, министрите за транспорт и врски и животна средина Благој Бочварски и Насер Нуредини, тие велат дека се крајно разочарани од тоа што се дозволуваат вакви градби спротивно на јавниот интерес. Велат дека постојната сообраќајна мрежа не може да ги издржи овие градби и населеност, бидејќи и сега овој дел од центарот на градот е затнат.

    „Нашето секојдневие сведочи за бројни аргументи кои се во целосна спротивност со издржливоста на најавените планови за локацијата ‘Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2’ и со целосна сигурност предвидува тешки и непоправливи последици по овој дел од центарот на главниот град. Секојдневно сведочиме дека пристапните сообраќајници се едвај доволни за сервисирање на постојната населеност во овој дел на градот. Улиците Кочо Рацин и Филип Македонски се преоптоварени во голем дел од фреквентните часови, а се единствени сообраќајници за сервисирање и на спорните градби. Крстосниците кај Народна банка, Народна и универзитетска библиотека ‘Св. Климент Охридски’, ‘Црвен крст’ и ЈЗУ Хируршка болница ‘Св. Наум Охридски’ претставуваат црни точки во сообраќајот на градот, а се главните крстосници кои гравитираат на спомнатата локација. Погоре споменатите сообраќајници на само неколку стотици метра од спорната локација водат до Собранието, единствената хируршка болница во центарот на градот како и до повеќе значајни државни институции со постојани потреби за непречен транспорт“, велат потписниците на писмото до власта.

    Жителите велат дека и сега во овој дел има делови во кои не се почитуваат стандардите на урбано живеење од аспект на пристапност на локациите за итните служби и одговарањето во ситуации на катастрофа. Велат не е тешко да се предвиди до какви последици би дошло кога најавените планови за нови градби би се реализирале.

    „Најавите за минорни јавни простори на просторот се замајување на јавноста и обид за извртување на основната сопственичка бизнис логика, Претставуваат евидентна опасност за безбедноста во центарот на градот на сите граѓани и корисници вклучувајќи ја и нашата микро-локација на сопственици на простор за домување и деловни активности, Ги нарушуваат во тежок степен комуникациските и функционални артерии на градот до степен на нефункционалност, Претставуваат естетско злодело со трајни последици и ја нарушуваат последната пристапна точка до кејот на реката Вардар“, стои меѓу другото во писмото.

    „Од овие причини, ние граѓаните сопственици на станови, деловен простор и подземни гаражи и жители на адреса булевар Кочо Рацин бр. 14 (Градски ѕид блок 9) и кулите на адреса булевар Кочо Рацин ги повикуваме највисоките инстанци на демократските институции во државата да се повикаат на предимството на елементарниот јавен интерес над секојдневната процедурална и законска регулатива и да го спречат уништувањето на центарот на главниот град и условите на живеење во него“, велат жителите на Градски ѕид.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира