ИНИЦИЈАТИВА ДО ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА РЕГУЛАЦИСКИОТ ПЛАН ЗА ВЛАЕ СО КОЈ СЕ СПРЕМА БЕТОНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛБАТА

    ИНИЦИЈАТИВА ДО ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА РЕГУЛАЦИСКИОТ ПЛАН ЗА ВЛАЕ СО КОЈ СЕ СПРЕМА БЕТОНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛБАТАОткако жителите на Влае неколку пати организираа протести и побараа новиот Детален урбанистички план да се повлече, сега бараат преку советниците од „Зелен хуман град“ да се поништи и Регулацискиот план врз основа на кој се носи ДУП-от. (Фото: СДК.МК)

    Советниците од „Зелен хуман град“ поднесоа иницијатива до Советот на Град Скопје за поништување на Регулациониот план С3 19, со кој се овозможува бетонизација на населбата Влае. Откако жителите на Влае неколку пати организираа протести и побараа новиот Детален урбанистички план (дуп) да се повлече, сега бараат преку советниците од „Зелен хуман град“ да се поништи и Регулацискиот план врз основа на кој се носи ДУП-от.

    „Во последните месеци имавме средби со советниците од скоро сите советнички групи во Советот на Град Скопје. Им ги објаснивме штетите кои произлегуваат од предлог ДУП-от за Влае 2, за кој градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски се вади дека е проектиран бидејќи е обврзан од Регулацискиот план донесен од Град Скопје во 2021 година. Затоа се обидуваме да го поништиме тој Регулациски план за градоначалникот да не мора да бетонизира зеленило и да црта објекти од комерцијален и станбен карактер на државно земјиште кое пополека се приватизира од страна на негови соработници“, велат жителите организирани во групата „Борба за Влае“.

    Оваа иницијатива е ставена како точка на дневен ред на седницата која ќе се одржи в четврток. Граѓаните велат дека разговарале со советнички групи во Советот и поддршка добиле од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците, ЛДП, ДОМ, НСДП и предлагачите „Зелен хуман град“. Не успеала да стапат во контакт со ДУИ и „За модерно Скопје“, нова фракција создадена од членот на ГРОМ Александар Трајановски и ексчленка на ВМРО ДПМНЕ Ирена Витина, кои ја поддржуваат градоначалничката Данела Арсовска.

    Со планот се предвидуваат згради на просторот на некогашно кино Влае односно зад автобуската станица на булеварот Партизански одреди. Зградите ќе бидат со висина од 6 до 10 ката. Парцелата за маркички за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план улицата ќе предвидува да се пробива зад киното односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

    На местото на инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина, пак, е вцртана маркичка за црква. Детското игралиште беше направено пред две години и него тогаш го отвори ексградоначалникот Стефан Богоев.

    Маркичка за зграда се предвидува на празниот простор кај „Кам маркет“ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром. Овој простор, како што велат жителите, е државно земјиште и бараат да се направи парк, а не да се распродава државна земја за бизнис интереси со приватни градежници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира