ИНСПЕКТОРИ ГИ ГОНАТ ПЛАНИНАРИТЕ ШТО ОБЕЛЕЖАА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ПРЕД ШКОЛИ ВО БИТОЛА

    ИНСПЕКТОРИ ГИ ГОНАТ ПЛАНИНАРИТЕ ШТО ОБЕЛЕЖАА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ПРЕД ШКОЛИ ВО БИТОЛАГерила акцијата вчера ја изведоа истите планинари кои летово со сопствени сили и помогнати од други битолчани започнаа обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер (Фото: Фејсбук)

    По герила акцијата вчераутро во Битола во која планинари одбележуваа пешачки премини пред школи, општински инспектор за патишта и претставник од Комуналното одделение излегоа на терен и изготвија записник за неовластено обележување на хоризонтална сигнализација кај Основното училиште „Гоце Делчев“, пријава уште не е поднесена. Членови на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ со бела боја ги обележаа пешачките премини во центарот на Битола и на нивната фејсбук страница напишаа дека поради опструкциите што ги трпат при обновата на планинарскиот дом „Копанки“, дел од времето и од донираните пари ќе ги стават во функција на безбедноста на децата и ќе ги обележат пешачките премини пред битолските училишта кои се во катастрофална состојба.

    Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека не се работи за негрижа туку за обид пешачките премини да се обојат со поквалитетна боја. Петровска истана дека уште во април побарале фирма со поквалитетна боја која нема за брзо време да се брише од улиците. Тендерот пропаднал оти никој не се јавил, па распишале нов и сега има жалба на еден од понудувачите.

    Во однос на изградбата на „Копанки“, планинарскиот дом на Пелистер кој изгоре пред пет години, таа повтори дека Општината е подготвена да го санира, но мора со ПСК „Пелистер“ кој е сопственик да се договорот како ќе се стопанисува со објектот, зашто Општината не може да вложува пари во приватен имот.

    „Направивме повеќе обиди како би можеле тоа да го регулираме, меѓутоа од другата страна нема никаков слух. Она што ме чуди е што претседателот Диме Попов во изминатиот период кога беше советник даваше изјави дека средствата кои тогашната опозиција СДСМ ги бараше за ‘Копанки’ се уранети и не треба да се направи додека не се легализира. Легализацијата на објектот заврши во 2015 година и се поставува прашањето зошто тогаш Попов воопшто не презел активности и со тогашната власт ова да биде надминато. И сега кога легализацијата е завршена, кога Општината пројавува иницијатива, повторно се јавува проблем. Очигледно некои математики некому не му излегуваат“, рече Петровска.

    Диме Попов, претседател на ПСК „Пелистер“, во неколку наврати има изјавено дека според статутот не смеат да отуѓуваат имот на Здружението. Ова лето тие сами почнаа со обнова на „Копанки“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира