ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ОД ГЕРМАНИЈА ГО ЗАПОЧНАА УВИДОТ ВО ИЗГОРЕНИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ВО ТЕТОВО

    ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ОД ГЕРМАНИЈА ГО ЗАПОЧНАА УВИДОТ ВО ИЗГОРЕНИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ВО ТЕТОВОЕкспертски тим доаѓа од германската Федерална криминалистичка полиција. (Фото: СДК.МК)

    Четиричлена екипа германски истражители денеска ја започна истрагата за да се утврди причината поради која на 8 септември вечерта изби пожарот во модуларниот Ковид-центар во Тетово, при што загинаа 14 лица – 12 пациенти и 2 придружници. Станува збор за експертски тим кој доаѓа од германската Федерална криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој, давање висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК анализи, електронски истраги и идентификација.

    Истражителите засега ништо не соопштуваат како ќе ја водат истрагата, кои методи ќе бидат употребени за да се утврди причината за пожарот. Изгорениот објект и понатаму го чуваат припадници на полицијата, со тоа што значително е проширен периметарот со кој се забранува пристап на неовластени лица на местото на несреќата. За текот на истрагата и утврдувањето на причините за пожарот нема информации ниту од тетовската Клиничка болница. Од таму денеска соопштија само информации за тековната состојба со ковид-19 во Тетово.

    „Во Ковид-центарот на тетовската Клиничка боница има вкупно 36 хоспитализирани пациенти и ова претставува значително намалување на нивниот број во однос на минатиот период. Се надеваме дека нивниот бројот и понатаму ќе опаѓа, па се надеваме дека до крај на следната недела да немаме ниту еден хоспитализиран пациент. Исто така, бележиме и значително намалување на амбулантски прегледи. За прегледи и контрола во изминативе 24 часа се јавиле 43 лица. Од нив, двајца се примени на болничко лекување. За жал, констатираме и две починати лица, едното е на 69, а второто на 77-годишна возраст“, изјави д-р Миранда Пајазити од тетовскиот Ковид-центар.

    Д-р Пајазити посочи дека само уште четири лица од оние 12 кои го преживеаја пожарот во модуларната болица се на болничко лекување, додека другите пациенти се пуштени дома.

    „Сѐ уште се грижиме за нив, тие се во добра стабилна состојба, другите се дома. Се надеваме дека и овие пациенти набрзо ќе може да ги пуштиме на домашно лекување. Во овој момент, имаме доволно медицински персонал, доктори и сестри, има за сите ковид пациенти. Намалениот број хоспитализирани ни овозможува подобро ја менаџираме состојбата“, рече д-р Пајазити.

    Во Тетовскиот Регион се бележат 1.082 активни случаи на болни со ковид-19.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира