АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВО 2024 ЌЕ ГО ИСПОЛНИ ВЕТУВАЊЕТО ЗА БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ИАКО ЈСП „СКОПЈЕ“ НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТА

    АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВО 2024 ЌЕ ГО ИСПОЛНИ ВЕТУВАЊЕТО ЗА БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ИАКО ЈСП „СКОПЈЕ“ НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТААрсовска во кампањата покрај бесплатен автобуски превоз за сите граѓани вети дека ќе купи и 250 еколошки автобуси (Фото:архивска фотографија СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска најавива дека вгодина ќе воведе бесплатен автобуски превоз, а ЈСП „Скопје“ нема пари за плата и гравниот град пак може да остане без јавен превоз. Арсовска во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе го исполни изборното ветување за бесплатен автобуски превоз, рече дека во буџетот за наредната 2024 година ќе бидат предвидени пари за оваа намена.

    „Најавувам дека од следниот буџет веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. Ќе биде ставена и оваа одлука пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година“, рече Арсовска на увид на градежните работи за изградба на водоводод за седум населени места во Сарај.

    Оваа нејзина изјава доаѓа само една недела откако советниците во Град Скопје не ја изгласаа одлуката за доделување субвенции на ЈСП од 1,8 милиони евра за да може да подели плата. Секретаротот на Градот и најблизок соработник на градоначалничката, Зоран Глигоров, рече дека ако не се дадат овие пари, ЈСП нема да може нормално да работи.

    „Намената на овие средства е исклучиво за да може вработените да земат плата и да не се направи дисторзија во работење, како и да се исплати рата од кредитот во висина од околу 1 милиони евра. Ако не ја изгласате оваа одлука ќе биде исклучително тешко и ќе биде загрозено вршењето на јавниот превоз“, рече Глигоров на седницата која се одржа на 5 октомври, а на која Арсовска како и многупати досега не присуствуваше.

    Арсовска во кампањата, заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, покрај бесплатен автобуски превоз за сите граѓани вети дека ќе купи и 250 еколошки автобуси. Таа вели дека овој проект не може да го реализира оти советниците не го гласаат нејзиното барање Градот кредитно да се задолжи за да се купат автобусите.

    Арсовска со одлуките кои ги доставува до Советот не може да купи 250 автобуси туку само 30. Таа бара да се земе кредит од 10 милиони евра, а со тие пари можат да се купат само 30 автобуси. Во времето на нејзниот претходник Петре Шилегов со кредит од 10 милиони евра Градот купи 33 еко автобуси на МАН, во време пред економската кризи, кога цените беа далеку пониски. Овој кредит сега го исплаќа ЈСП, но како што беше кажано на последната седница, претпријатието нема пари да го исплаќа, па затоа се бараа субвенции од Градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира