КАДРИ НА БЕСА И ДУИ СЕ СТЕПАА ЗА СЛУЖБЕНО ВОЗИЛО ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    КАДРИ НА БЕСА И ДУИ СЕ СТЕПАА ЗА СЛУЖБЕНО ВОЗИЛО ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВОТепачката за правото на користење службено возило била меѓу економскиот директор на болницата од Беса и раководителот на возниот парк од ДУИ. (Фото: СДК.МК)

    Во средата, во зградата каде се наоѓа дел од администрацијата на Клиничка болница во Тетово, дошло до инцидент односно до тепачка меѓу две лица вработени во оваа здравствена установа. Во инцидентот учествувале економскиот директор на Клиничката болница Артан Етеми и лицето Н. С. кој исто така е вработен во болницата. Инцидентот, односно тепачката, и двајцата го пријавиле во тетовската полиција.

    „На 3 февруари во 12:45 часот, лицето А.Е. (41) од Тетово пријавило дека околу 11 часот во Клиничката болница во Тетово, каде е вработен, бил физички нападнат од лицето Н. С. (50) од тетовско Селце, кој исто така е вработен во болницата. Малку подоцна, пријавениот Н. С. исто така пријавил дека бил физички нападнат од лицето кое претходно пријавило, А. Е., и неколку други лица кои биле вработени во болницата и истите му помогнале на лицето А. Е.“, се вели во соопштението издадено од СВР Тетово.

    Иако настанот го пријавил како тепачка, економскиот директор на Клиничка болница во Тетово Артан Етеми во објавата на својот фејсбук статус вели дека не бил физички нападнат туку дека се работело само за вербална расправија.

    „Во врска со синоќешните вести дека сум физички нападнат сакам да соопштам дека немаше физичка конфронтација туку само вербална и за тоа детално е информирано СВР Тетово. Меѓутоа, сакам да информирам дека јас и Движење Беса нема да дозволиме невкусни дејствија како што се со децении навикнати да функционираат. Моето начело и на Движење Беса е да им служиме на граѓаните и да работиме во нивен интерес, а не во интерес на нечии шерифи. Затоа, таквите обиди да ме заплашат и да ме запрат, нема да поминат кај мене“, посочи Артан Етеми.

    Артан Етеми е кадар на Движење Беса кој пред неколку месеци беше именуван за економски директор на Клиничката болница во Тетово. Оваа функција претходно не постоеше.

    Од неофицијални болнички извори и од очевидци на настанот дознаваме дека инцидентот се случил по скалите од зградата кога првин дошло до вербална расправија помеѓу Етеми и шефот на возниот парк на Клиничка болница Нагип. С. кој бил со уште две до три лица. Во силното викање и турканицата која настанала меѓу нив, според очевидците бил разменет и по некој удар. Целиот инцидент се одвивал и пред очите на пет-шест студенти кои тука се нашле во тој момент и кои, исплашени од тепачката, во паника побегнале.

    Иако засега не се соопштуваат мотивите за тепачката, дознаваме дека причината за тепачката била правото на користење на службеното возило. Етеми, како именуван економски директор на Клиничка болница барал, за потребите на својата служба, да користи службено возило но, раководителот на возниот парк Нагип С. кој е кадар на ДУИ, не му давал возило бидејќи тоа веќе го користел шефот на сметководството и економист во Клиничка болница, кој исто така е кадар на ДУИ. Тоа било причината да дојде до инцидентот.

    Од тетовската Клиничка болница го потврдуваат инцидентот и велат дека тоа што го направил економскиот директор е голема срамота.

    „Се случино тепачка помеѓу економскиот директор Артан Етеми на болницата и две лица од техничката служба на болницата. Етеми вршел притисок и мобинг врз двајца вработени од техничката служба на болницата и со нив влегол во конфликт. Од шефот на возниот парк барал возило но, не можел да го добие бидејќи возилото било на поправка. Етеми пријавил дека бил нападнат од овие двајца но, всушност тој ги повикал на разговор. Кога тие си заминале Етеми повикал луѓе од надвор и ги начекале овие двајца работници и заедно ги нападнале. По ова и работниците го пријавиле нападот во полицијата, како што претходно и Етеми пријавил дека тој прво бил нападнат. Прво велел дека е физички нападнат па потоа на својот фејсбук статус вели дека е вербално нападнат. Ова е срамота што се случило“, велат од тетовската Клиничка болница.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира