Тоа што лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара избори во мај е комплимент за Владата, бидејќи тој не сака избори во зима, не сака да се справува со енергетска и економска криза, рече премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на РЕК „Битола“.
„Комплимент е затоа што сигурно смета дека Владата одлично се справува со економската и енергетската криза зашто енергетската криза завршува на 30 април, а тој бара избори во мај. Јас само можам да му се заблагодарам на довербата. Не знам по кој пат поставува барање за предвремени избори. Јас имам многу јасен став, зашто ставовите не ги менувам како него на една недела. Избори ќе има 2024 година во редовниот термин, бидејќи се наоѓаме во средина на економска и енергетска криза“, рече Ковачевски.
Мицкоски пред недела недела по божикната литургија во храмот „Свети Климент Охридски“ во Скопје изјави дека неговата партија останува на ставот за предвремени избори и оти очекува кој крајот на јануари или најдоцна до почетокот на февруари да се изгласа распуштање на Парламентот, а избори во втората половина на мај. За тоа рече дека има сигнали и од пратеници од СДСМ и од ДУИ дека сакаат да дојде крај на оваа Влада.
Ковачевски, пак, одговори дека такви сигнали нема и дека нема да го запрат процесот на скрининг од ЕУ и претседавањето со ОБСЕ само за да ги исполнат политичките желби на Мицкоски.
Премиерот изврши увид во РЕК „Битола“ каде во функција е пуштен третиот блок и комбинатот произведува струја со цел капацитет. Рече дека ова е голем придонес во зголемувањето на домашното производство на струја, од кое 60 проценти ги дава толку РЕК, а годинава процентот ќе се зголеми на 70. А цената на струјата нема да се зголеми.
„Ставањето во функција овозможува поголемо производство, но и да се прават ремонти на сите три блока. 99, 2 проценти од домаќинствата немаат зголемени цени на струјата и нема да има рестрикции. Ангажирани се сите расположливи капацитети во државата за производство на струја од РЕК, Осломеј ТЕЦ Неготино, Енергетика и сите други помали постројки и цената на струјата не се зголемува“, рече премиерот.
И генералниот диркетор на ЕСМ Васко Ковачевски рече дека РЕК произведува струјка како во најдобрите времиња од своето функционирање и откако се вклучи третиот блок нема увоз, туку во периодот од 2 до 7 часот има и вишоци на струја.
Ж. ЗДРАВКОВСКА