Незадоволни лозари ја блокираа винарската визба „Повардарие” во Неготино, во која неколку цистерни се натоварени со флаширано и наливно вино, и велат дека нема да дозволат да излезат за извоз сѐ додека не им бидат платени парите за предаденото грозје. Нагласуваат дека нема да се тргнат од пред винаријата, сѐ додека не бидат исполнети нивните барања.
„Немаме намера да си одиме додека не ни бидат исплатени парите за предаденото грозје согласно договорот. Во текот на денот излегоа со информација дека пуштиле на сметки 20 проценти од долгот, но попладнево видовме дека на трансакционите во банка легнале само 10 проценти од побарувањата. Рекоа дека плаќаат за 2016, а за 2015 немале намера да размислуваат да плаќаат сѐ додека не ја исчистеле 2016. А кој нормален може да го разбере тоа? Некој како по обичај ги будалка лозарите, оти според нашите информации вино се продава, а пари на лозарите за предадено грозје не им се исплатуваат навреме“, рече Весна Здравковиќ.
Според нивните сознанија, винарницата чекала новата влада да им ги исплати субвенциите ветени од претходната влада.
Од винарската визба „Повардарие“ не беа достани за коментар. Лицето за кое ни рекоа дека во моментов ја врши функцијата директор, не одговори на нашата смс порака.
Лозарите се цврсто решени да не прекинат со протестот сѐ дури не добијат пари, а веќе се направени дежурства и ќе се дежура пред винарницата и дење и ноќе.