МЕ ПОЗДРАВИ И МИ ГО УКРАДЕ ЧАНТЕТО СО ПАРИ, ВЕЛИ ОГРАБЕНИОТ БИТОЛЧАЕЦ СО ПАРАЛИЗА, КРАДЕЦОТ Е СНИМЕН, ПОЛИЦИЈАТА УШТЕ ГО БАРА

    МЕ ПОЗДРАВИ И МИ ГО УКРАДЕ ЧАНТЕТО СО ПАРИ, ВЕЛИ ОГРАБЕНИОТ БИТОЛЧАЕЦ СО ПАРАЛИЗА, КРАДЕЦОТ Е СНИМЕН, ПОЛИЦИЈАТА УШТЕ ГО БАРАБитолчанецот Пеце Ангелевски-Пецката со неговиот „крузер“ секојдневно разнесува салфети и цевки низ угостителските објекти во Битола (Фото: СДК.МК)

    Полицијата сѐ уште не го фатила крадецот кој пред пет дена го ограби битолчанецот Пеце Ангелевски-Пецката, неуморниот продавач на салфети од Битола кој поради здравствени проблеми низ градот се движи со велосипед. Од СВР Битола велат дека го истражуваат случајот.

    Ангелевски, кој е омилен меѓу битолчани, на изненадување на цела Битола пред пет дена беше ограбен додека со велосипедот на мотор одеше од дома кон градот за да продава салфети и цевки по угостителски објекти. Кражбата се случи среде бел ден, на петстотини метри од неговата куќа во населбата Нова Битола (Фото: СДК.МК)

    Ангелевски, кој е омилен меѓу битолчани, на изненадување на цела Битола пред пет дена беше ограбен додека со велосипедот на мотор одеше од дома кон градот за да продава салфети и цевки по угостителски објекти. Кражбата се случи среде бел ден, на петстотини метри од неговата куќа во населбата Нова Битола.

    Настанот е снимен на камери од околните објекти. Но, од полиција велат дека крадецот носел капа на главата, па на снимките лицето јасно не се гледа. Меѓутоа, истрагата продолжува.

    Оштетениот Ангелевски за СДК.МК раскажува дека арамијата го поздравил од зад грб како да се познаваат, а потоа му го истргал чантето со пари кое го имал врзано околу половина.

    „Беше нешто по 15,30 часот. На сред бел ден. Бев на велосипедот со мотор и се спуштав по удолница. Некој ми се приближи од зад грб, ми рече ‘што правиш’, а јас мислев дека ме поздравува зашто разговарам со многумина битолчани. Се обиде да го скине чантето што го носев околу половината, а откако не можеше го откопча одзади. Не му го видов лицето. Ми ја зеде дневната заработувачка и два мобилни телефона“, вели Ангелевски.

    За среќа, не го повредил и не го паднал од велосипедот. По ова, крадецот се вдал да бега. Пеце колку што го држел гласот почнал да вика „чантето, чантето“. Слушнала некоја соседка и се пуштила да трча по арамијата. По него се вдал и Пеце со велосипедот, но напаѓачот побегнал по споредно земјено патче.

    „Случајот го пријавивме во полиција. Имаме информации дека по телефоните што ги украде може да биде лоциран крадецот, а и на камера на објект во близина каде се случил настанот, крадецот е снимен. На себе имал виндјакна и капата од неа ја имал ставено на глава. На лицето не носел маска. Но, Пеце не му го видел ликот“, раскажуваат блиски роднини на Ангелевски.

    Семејството Ангелевски секој ден очекува вест од полицијата дека го пронашла крадецот кој му ја зел макотрпно сработената дневница. И битолчани чекаат да се открие нечесникот кој се дрзнал да нападне човек како Пецката. Социјалните мрежи вријат од коментари со денови.

    „Секако дека се исплашив. Секој човек ќе се исплаши. Но, ќе продолжам и понатаму со мојата работа зашто не сум учен да седам без работа дома. Учен сум да се движам меѓу луѓе“, вели Ангелевски.

    Ова не е првпат да се ограбува лице со посебни потреби. Пред три години 33-годишен маж од кочанското село Бели бил претепан од таксист и негови пријатели откако му го украле К-15 и го натерале да им плаќа пијалаци.

    Денес е Меѓународниот ден на лица со посебни потреби. Во Битола се одржуваат повеќе манифестации со порака да им се помага на ваквите лица и да не се дискриминираат. Битолчани коментираа дека ваквите заложби треба да се покажат на терен, а тоа што некој дигнал рака да го ограбува Пеце е јасен показател на состојбите во општеството.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира