Министерството за здравство не го прифати барањето на хотелско-угостителските работници да бидат на приоритетната листа за вакцинирање против ковид-19. Во одговорот испратен до нив стои дека приоритетното вакцинирање останува на трите групи кои имаат за цел да обезбедат функционирање на здравствениот систем, заштита на лицата со најголем ризик и одржување на основните услуги во критичната инфраструктура.
Хотелиерите сметаат дека ваквата одлука ќе стави клуч на врата на и онака празните хотели. Според нив, со ова земјава испраќа слика дека не е безбедна дестинација.
„Странските гости нема да доаѓаат бидејќи нема да се чуствуваат безбедни“, велат тие.
Претседателот Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) Крсте Блажески, вели дека барањата за приоритет во имунизацијата на угостителските работници требаше да бидат прифатени ако се сакаше да се помогне на овој сектор. Државата мора да испрати јасна слика дека е сигурна дестинација за 2021, за да можат странските туристи да се охрабрат да дојдат на охридско-струшката ривиера.
„Во ваква ситуација, дополнително со откажувањето на резервациите до јуни, но и зголемувањето на бројот на новозаразени од ковид-19, тешко може да се предвиди каква сезона нè очекува“, вели Блажески.
Хотелиерита годинава ќе работат по строго утврдени протоколи, покрај дезинфекција се зборува и за озонирање на собите, а со сертификати ќе се докажува безбедноста на објектите.
„Во ресторанскиот дел се бара начин како безбедно да се служи шведска маса, бидејќи странските гости бараат ваква услуга. Брзи тестови и кол-центар мора да има за гостите“, вели Блажески.
Хотелиерите велат дека и во оваа ковид сезона најпосакувани се странските гости, но очекувањата се дека ќе има 65 проценти домашни туристи, а останатите од надвор претежно од регионот.
С. ВРЕНЦОВСКА