МИСЛЕВМЕ ДЕКА ЧИЧКО ЗОРАН ЌЕ НЀ СПАСИ ОД ГЛУПОСТИТЕ НА ЧИЧКО НИКОЛА, МУ ПИША РЕЖИСЕРОТ ИВАН ПОПОВСКИ НА ПРЕМИЕРОТ

Поповски потсети на писмото што неговата ќерка пред три години сакала да му го испрати на тогашниот премиер Никола Груевски, но ја премислил, зашто „еден чичко Зоран ќе даде сѐ од себе да ги спречи глупостите на чичко Никола“.

    МИСЛЕВМЕ ДЕКА ЧИЧКО ЗОРАН ЌЕ НЀ СПАСИ ОД ГЛУПОСТИТЕ НА ЧИЧКО НИКОЛА, МУ ПИША РЕЖИСЕРОТ ИВАН ПОПОВСКИ НА ПРЕМИЕРОТИзградбата на спорниот хотел во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, еден подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. - Хотелот во Лагадин; Режисерот Иван Поповски (Фото: СДК.МК)

    Театарскиот режисер Иван Поповски јавно му се обрати на премиерот Зоран Заев, разочаран и револтиран од неговата најава дека ќе помогне да се догради спорниот хотел во Лагадин. Тој му посочи на Заев дека понизок документ како Општ акт не може да се донесе за места за коишто веќе постои детален урбанистички план, туку тој може да се промени само со нов детален урбанистички план.

    „Ви се обраќам по повод Вашиот јавно-приватен дијалог со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин, бидејќи длабоко верувам дека Вашите помошници/советници не Ви објасниле дека криминалот е направен не кога е дадена дозвола за градба, туку претходно, кога противзаконски е донесен Општ акт за Лагадин. Некој Ве става во целосна заблуда. Не е точно дека во Општина Охрид има ‘мечка‘ која го малтретира ‘чичко Никола‘ и не му дава да си го доизгради хотелот, туку има некои исплашени мечиња, кои со судни маки сакаат да ѝ се спротивстават на мафијата и со поддршка на граѓаните и граѓанскиот сектор да направат да излезе на виделина ‘грешката‘ што е направена за Лагадин“, вели Поповски во своето обраќање.

    Одобрението за градба на хотелот, кој почна да се гради во 2016 година во време кога градоначалник беше Никола Бакрачески, е поништено од Општина Охрид, а против изградбата се кренаа бројни охридски здруженија и жителите на населбата. Изградбата прекршува вкупно 12 закони, еден подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на Езерото.

    Поповски потсети на писмото што неговата ќерка пред три години сакала да му го испрати на тогашниот премиер Никола Груевски, но ја премислил, зашто „еден чичко Зоран ќе даде сѐ од себе да ги спречи глупостите на чичко Никола“.

    „Пред три години, ќерка ми Павла му пишуваше писмо на еден друг, во тоа време многу поважен, чичко Никола. Непосредно пред да го објавиме, јас ја убедував дека треба да почекаме. Ќе ми биде срам од ќерка ми кога ќе разбере дека сум ја излажал, а како што тргнало, наскоро ќе разбере. Сега гледам дека згрешив што тогаш не го објавивме“, вели Поповски.

    Иако признава дека некои работи се смениле во меѓувреме, тој му порачува на Заев дека има уште работи за средување.

    „Некои од работите се средија: палмите си умреа, а заедно со нив и лошите, бели, туѓи пеперуги, патот (лузната) на Галичица е стопиран (се надевам, засекогаш)… Останаа чаршафите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон. Јас моите ќерки ги учам дека не е страшно да си ја признаат грешката. Пострашно е да не знаеш дека си згрешил, а најстрашно е да знаеш и да си ќутиш“, завршува Поповски.

    Г. КОНЕВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари