МОСТОТ НА ПОЕЗИЈАТА ВО СТРУГА СЕ РЕНОВИРА СО БУГАРСКА ДОНАЦИЈА

    МОСТОТ НА ПОЕЗИЈАТА ВО СТРУГА СЕ РЕНОВИРА СО БУГАРСКА ДОНАЦИЈА„Па кога ни донираат, зошто да не ги искористиме тие пари“, одговара градоначалникот Рамиз Мерко на прашањето зошто Општината досега не одвоила средства за реконструкција на мостот на кој се одржуваат Струшките вечери на поезијата. (Фото: СДК.МК)

    Старата, дотраена и рѓосана ограда на мостот на поезијата во Струга се заменува со нова, изработена од ковано железо. Оградата на мостот каде секоја година се одржува фестивалот Струшки вечери на поезијата, се менува со донација на бугарската Влада.

    Реконструкцијата на мостот покрај менување на оградата предвидува и санација на коловозот, чини 60.000 евра. Парите се обезбедени преку донацијата која Општина Струга ја добила од Владата на Бугарија во вредност од 90.000 евра, со кои покрај овој ќе се реновира и мостот во селото Ложани.

    Градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко вели дека за два месеци градежните работи на мостот ќе завршат и тој ќе добие нов, модерен изглед.

    „Мостот не е реновиран откако е изграден, а е централен мост во Струга и тука се одржуваат Струшките вечери на поезијата. Успеавме да добиеме донација од Бугарија и кон почетокот на декември се стартуваше со работа. Оргадата веќе се поставува во еден дел на мостот и изгледа преубаво. Поради ладното време градежните работи малку поспоро се одвиваат, но до март мостот ќе биде комплетно завршен“, вели градоначалникот Мерко.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто Општина Струга со години нананазад не издвоила пари за овој клучен мост во градот, Мерко вели ’па кога ни донираат, зошто да не ги искористиме тие пари‘.

    На реновираниот мост на поезијата годинава кон крајот на август ќе се одржи 59. издание на Струшките вечери на поезијата, најстарата светска поетска манифестација која се одржува во континуитет.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира