Ниту по 15 месеци нема информации, ниту има име на сторител на сообраќајката во која тешко беше повредена велешанката Лидија Симсарова. Сообраќајката се случи на 12 јуни минатата година околу 23 часот, на булеварот Партизански одреди во Скопје, кога таа е удрена од моторџија на обележан пешачки премин. Просветната работничка, а сега пензионерка Симсарова, која изучила, образувала и воспитувала генерации млади, е разочарана како функционира безбедносниот систем во државата.
„Таа летна вечер седев со мои ученици кои сега живеат во Скопје во ресторан во Аеродром. Ми се понудија да ме префрлат со автомобил до станот каде живее ќерка ми, но одбив, оти имам автобуски превоз кој сообраќа до близина. Околу 23 часот, кај Хотел Карпош минев на пешачки, на зелено. Тогаш бев удрена од моторист кој возеше лудо и брзо, беа два мотори, кои како да се тркаа. Имав тешки повреди, бев два дена во кома од повреди на главата, скршеница на левата нога. Со помош на докторите се извлеков. Живеам, но имам болки и тешкотии при движењето и чекам дека ќе добијам известување кој е сторителот, и дека ќе ја добие казната согласно законот. Досега ни по толку време немам информација дека нешто се води, дека има напредок во мојот случај. Има повеќе сведоци кои видоа кога бев удрена, потоа толку камери на Партизанска, тешко ли е да се најде сторителот, или е нечие дете, како што ми велат, па не можат да го гонат? Имам чувство дека не смеат, а не дека не можат да го пронајдат “, вели Симсарова која живее во Велес.
Скопската полиција на прашањето до каде е истрагата за сообраќајката, во писмениот одговор вели дека испратила писмено известување до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„Од страна на увидна екипа од СВР Скопје извршен е увид по што е направено известување и пратено до ОЈО- Скопје, се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.
ОЈО Скопје исто така во писмен одговор, објаснува не може да постапува оти нема име на сторителот, тој е сè уште непознат.
„СВР Скопје – Единица за безбедност на патниот сообраќај на 17.06.2019 година поднесе првично известување до Основното јавно обвинителство Скопје, без притоа да бидат приложени докази. На 17.09.2020 година е поднесено второ известување, кон кое е приложен записник за извршен увид и друга писмена документација кои се однесуваат на случената сообраќајна незгода. Притоа, од страна на СВР Скопје и со второто известување сè уште не е утврден идентитетот на учесникот во сообраќајот кој го управувал моторциклот што удрил во телото на оштетената, која како пешак го минувала коловозот на обележан пешачки премин. Откако ќе биде утврден идентитетот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, по што обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности за кривичен прогон“, одговорија од ОЈО Скопје.
П. ПЕЧКОВ