Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека цело време е во координација со обвинител и ако се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа Скопје да се претвори во заразна депонија, ќе бидат поднесени кривични пријави.
Во меѓувреме, во Јавното обвинителство Скопје се поднесени неколку кривични пријави околу еколошката катастрофа што се случи со несобирањето на сметот неколку дена на пеколни горештини и надлежен обвинител работи на нив. МВР и Обвинителството уште немаат поднесено пријави по сопствена иницијатива, односно оформено предмет, а Скопје се дави во ѓубре и зараза.
На голем дел од градот, сè уште нема трага од камион ни дење ни ноќе, или сведоци дека камиони работеле деноноќно за да се исчисти ѓубрето што побрзо, како што тврдат ЈП Комунална хигиена и Град Скопје. За шминка, исчистени се по неколку контејнери во Центар и во Аеродром.
„Мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од инспекторатот за заштита на животна средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Град Скопје, да ги видиме нивните наоди во целата оваа состојба и во постојана координација сме со обвинителот, а ако се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа за главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите кои ќе бидат прибрани“, кажа Спасовски.
На прашање дали ќе бидат поднесени пријави за вработените во претпријатието кои земале плата, а не доаѓале на работа, како и за директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева затоа што знаела за оваа ситуација, Спасовски рече дека ако имало недоследности во работењето секој ќе сноси одговорност.
„Ако имало недоследности во работењето, ако имало давање на плати на лица кои биле со договор вработени, а не доаѓале на работа и притоа биле злоупотребени буџетски средства, секој еден за оваа работа ќе сноси одговорност. Тука нема да има отстапка и нема да има никогаш и за ниту една ситуација. Мислам дека ова треба да биде санкционирано за да конечно се стави крај на политиканство и игри кои се случуваат на грбот на граѓаните, а овде е врз здравјето на граѓаните“, рече Спасовски.
Тој ја потврди претходната информација на МВР дека веќе е поднесена една кривична пријава за насилство извршено во неделата вечерта.
С. К. ДЕЛЕВСКА