МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВААТ ЗОШТО ПОЛИЦАЕЦОТ ПУКАЛ ВО МАЛОЛЕТНИЦИТЕ ВО СТРУМИЦА

    МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВААТ ЗОШТО ПОЛИЦАЕЦОТ ПУКАЛ ВО МАЛОЛЕТНИЦИТЕ ВО СТРУМИЦАЕкипи на МВР и денеска беа на терен, а полицаецот кој пукал во малолетните момчиња од Радовиш, по наредба на јавен обвинител е задржан во струмичката полиција (Фото: СДК.МК)

    Полицаецот кој пукал во малолетните момчиња од Радовиш, по наредба на јавен обвинител е задржан во струмичката полиција, соопшти МВР чии екипи и денеска беа на терен за целосно расветлување на случајот. Вклучени биле и Внатрешната контрола на министерството за да се испита дали со постапката полициските службеници ги пречекориле овластувањата. МВР од синоќа пушти и повеќе тимови на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења од Скопје.

    „Издадени се наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии подигнати на лице место. Од сите инволвирани земени се примероци од крв и урина и парафински ракавици. Полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во ПС Струмица. Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство – Струмица ќе бидат сослушани сведоци на настанот“, вели Обвинителството.

    Здравствената состојба на момчето во кое било пукано е стабилна, но и понатаму е во животна опасност, соопшти Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Тој имал прострелна рана во градниот кош, додека другото момче во Струмица е оперирано и е во добра состојба.

    Вчера попладне, полицијата кај градската капела кај Струмица ги пресретнала момчињата од Радовиш кои биле осомничени за грабеж и неколку часа бегале со возило со словенечки регистарски ознаки. Полициски службеник кој го запрел возилото испукал два куршуми во воздух како предупредување, а во исто време на местото на настанот пристигнало и друго возило на МВР, од кое излегле двајца полициски службеници и се упатиле кон возилото „опел фронтера“ за да ги приведат осомничените. При обидот да се приведат осомничените, полицискиот службеник употребил огнено оружје при што биле повредени момчињата. Полицаецот тврдел дека пукал во самоодбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира