НЕ МОЖЕМЕ ДА ДИШЕМЕ ОД ДЕПОНИЈАТА БУКОВО, ИМА И БОЛНИ И ПОЧИНАТИ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ИТНО ЗАТВОРАЊЕ

    НЕ МОЖЕМЕ ДА ДИШЕМЕ ОД ДЕПОНИЈАТА БУКОВО, ИМА И БОЛНИ И ПОЧИНАТИ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ИТНО ЗАТВОРАЊЕУчесниците на протестот додаваат дека е недозволиво вакво подрачје кое е богато со флора и фауна да се уништува поради негрижата на надлежните. Стравуваат дека и водата за пиење е загадена.(фото: СДК.МК)

    Со мирен протест и непропуштање на камионите и механизацијата на ЈП „Комуналец“ жителите на селата околу превојот Буково, денес го изразија својот револт поради горењето на депонијата. Побараа надлежните итно да преземат мерки, а во спротивно се заканија со блокади на патот Охрид-Ресен.

    „Десет дена депонијата гори, чади, ги труе жителите кои живеат во околината, но никој ништо не презема. Бараме итно да се запре спалувањето на депонијата“, велат револтираните жители.

    Жителите од околните села стравуваат за нивното здравје оти, како што велат загадениот воздух предизвикувал малигни заболувања на белите дробови, а имало и починати.

    „Ваква загаденост не е видена, не се дише, ова е неподносливо. Има многу заболени“, вели жител на село Крушје, Ресенско.

    Учесниците на протестот додаваат дека е недозволиво вакво подрачје кое е богато со флора и фауна да се уништува поради негрижата на надлежните. Стравуваат дека и водата за пиење е загадена.

    „Подземните води од овој дел одат кон Охридското и Преспанското езеро, не знаеме каква вода пиеме“, се жалат тие.

    Иако рокот кој го даде УНЕСКО за затворање на депонијата Буково беше до крајот на 2020 година досега ниту државата ниту општините во охридскиот регион не изнајдоа решение за изградба на регионална депонија која е потребна како за зачувување на статусот на единственото заштитено светско природно и културно наследство во земјата така и за подобрување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.

    Во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е наведено дека депонијата Буково треба да биде затворена бидејќи претставува долгогодишен проблем и значително ја загадува животната средина.
    За деценискиот проблем со депонијата на Буково, која во повеќе наврати гори, а чадот се чувствува дури до Охрид, охридскиот градоначалник Константин Георгиески вели дека обврските за решавање на овој проблем се во надлежност на Министерството за животна средина.

    „Општина Охрид нема капацитет и ресурси сама да се справи со депонија на Буково. Ние со децении се судруваме со овој проблем и го решаваме. Таму нема веќе оган што не значи дека нема пак да се појави. Потребна е помош и ангажман на Министерството за животна средина, за да се премести и затвори“, вели Георгиески.

    Од Општина Охрид додаваат дека непостоењето на Регионална депонија, која ќе биде според светски стандарди и ќе го опслужува Охридскиот регион, е еден од најголемите проблеми на Југозападниот регион кој се провлекува со години наназад оти во неколку наврати не се изнајде соодветна локација за оваа намена.

    Граѓанските активисти кои постојано алармираат за штетноста од депониите на Буково, но и таа во Струга, бараат нивно затворање оти, како што велат, во ек на туристичка сезона активно и интензивно го загадуваат целиот регион. Велат, „нема да се откажеме од битката за чиста животна средина додека депониите не се дислоцираат трајно од тие локации“.

    Пред точно два месеци започна и судски процес за дислокација на дивата струшка депонија, по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП) против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира