Проектот за воведување на трамвај без шини во Скопје не е откажан и покрај кризата предизвика од пандемијата на КОВИД-19. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека во моментов заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) работат на изработка на тендерската документација.
„Проектот ‘Бас рапид транзит‘ не е откажан, ниту имам намера да го откажам затоа што пандемијата на КОВИД-19 ќе помине, а скопјани ќе се соочат повторно со потреба од брз и модерен јавен транспорт. Заедно со ЕБОР работиме на целосно заокружување на тендерската документацијата, сообраќајно-техничка и градежна, за да можеме да започнеме со имплементација“, вели Шилегов.
За воведување на трамвајот без шини во Скопје односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и од Кисела Вода до Бутел, Владата преку Министерството за финансии почна постапка за кредитно задолжување од 70 милиони евра од ЕБОР. Проектот е разгледан од ЕБОР и неговиот импакт е оценет со 70, на скала од 0 до 100, што значи дека влегува во групата на силни проекти.
„Главната цел на проектот е значително да се подобри јавниот превоз и да се помогне во намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, кој во моментов еден од најзагадените градови во Европа“, се вели образложението објавено за проектот објавено во април на веб-страната на Европската банка за обнова и развој.
Како што се вели во објаснувањето од ЕБОР, проектот ‘Бас рапит транзит‘ во Скопје, ќе се реализира во две фази. Првата транша од кредитот од 40 милиони евра ќе биде дадена за линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и изградбата на депото, додека во втората фаза ЕБОР ќе даде 30 милиони евра за трасата од Кисела Вода до Бутел.
Градоначалникот Петре Шилегов во јануари за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека очекува со воведување на трамвајот за 40 отсто да се зголеми бројот на патници во јавниот превоз.
„Ако имате превоз на секои 3-4 минути, по посебна брза лента, без да се грижите каде ќе го оставите возилото и колку ќе ве чини паркирањето, пологично е да одбререте за 30-40 денари да стасате до центарот на градот со јавен превоз. Моите очекување се дека во првите две години најмалку 30-40 проценти ќе се зголеми бројот на патници“, изјави градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК во јануари.
За двете траси ќе бидат потребни 60 возила, кои ќе имаат капацитет за 250 патници. Ќе бидат долги 24 метри и на секои 3-4 минути на автобуските станици ќе има возило. Ќе се движат по една сообраќајна лента која ќе биде физички одвоена од другите две ленти за да нема мешање со останатиот сообраќај, со што ќе се гарантира брзина и возен ред. Со воведувањето на трамвајот без шини на улиците каде ќе поминува нема да возат автобуси, за што ќе биде направен комплетно нов концепт за автобуски линии.
А.АНТЕВСКА