НЕМА ОПШТИНА ШТО НЕ КОРИСТИ ПАРИ ОД ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЕЛЕЗИ

    НЕМА ОПШТИНА ШТО НЕ КОРИСТИ ПАРИ ОД ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЕЛЕЗИ„Сега сме влезени во вториот ИПА програмски период, а вкупниот буџет за пет програми за прекугранична соработка изнесува над 100 милиони евра“, вели министерката за локална самоуправа Ширет Елези (Фото: СДК.МК)

    Привилегија на нашата земја е што не постои општина која не е опфатена барем со една програма за прекугранична соработка финансирана од европските фондови , а некои општини што се во близина на границите користат и средства од две или повеќе програми, изјави министерката за локална самоуправа Ширет Елези. Таа денеска учествуваше  на форумот „Европски перспективи за локалната самоуправа“  во Битола, во рамки на соработкатa меѓу Нормандија и Македонија.

    Елези рече дека  Македонија својата перспектива ја гледа во ЕУ , а општините користат повеќе европски програми како ИПА, ИПАРД и други за локалниот равој и прекугранична соработка.

    „Во првиот програмски период на компонентата за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија, Грција и Косово бележиме одобрение на 200 проекти и степен на реализација на искористеност на средствата на 80 проценти. Сега сме влезени во вториот ИПА програмски период, а вкупниот буџет за пет програми за прекугранична соработка изнесува над 100 милиони евра“, рече Елези.

    Предвидени се 45,5 милиони евра за прекуграничната програмата со Грција, 12 милиони евра со Албанија, 19,5 милиони со Бугарија, 8,5 милиони со Косово и 40 милиони евра за транснационланата програма „Балкан Медитеран“.

    Според Ивана Петровска од АЛДА, која е еден од организаторите на настанот на тридневниот форум во Битола, покрај дискусии, дебати, ќе има тренинг сесии за одредени програми финансирани од ЕУ. Присуствуваат над 60 претставници од 50 општини во земјава.

    И евроамбасадорот Самуел Жбогар вчера изјави дека големо мнозинство од граѓаните во земјава својата иднина ја гледаат во Европската Унија, а ЕУ  е активна со години во Македонија со цел да ги помогне подготовските за идно членство на државата.

    „Како најголем донатор, ЕУ има инвестирано милиони евра во разни области. ЕУ и нејзините земји- членки, покрај тоа што се најголеми инвеститори, се исто така најголеми трговски партнери, оттаму и најголеми создавачи на работни места во земјата. Големо мнозинство од граѓаните ја признаваат и ценат нашата вклученост и големо мнозинство на луѓе ја гледаат својата иднина во семејството на ЕУ. Ова не само што нé охрабрува туку и нé обврзува да зборуваме гласно и да бидеме јасни за тоа кои се патиштата кои нé водат кон најблиско партнерство и на крај кон членство“, рече Жбогар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира