Од 200 ученици на школска возраст, кои вчера беа тестирани во рамки на скринингот што се спроведува од државата за да се утврди трансмисијата на коронавирусот во училиштата, само едно беше позитивно, соопшти министерот за здравство Беким Сали, кој денес го посети пунктот каде се вршат серолошки тестирања за проверка на антитела на граѓани во Битола.
„Резултатите се позитивни, од направени 200 анализи во текот на вчерашниот ден сме добиле само еден позитивен резултат. Се надевем дека во Скопје уште два-три дена ќе потрае анализата, зашто тука беше поголемиот број на новоинфицирани деца, доколку биде таков бројот и во другите делови во градот, во тој случај нема потреба од продолжување на анализите“, рече министерот Сали.
Тој додаде дека се позитивно изненадени од интересот на родителите нивните деца да учествуваат во ваквото тестирање. Во текот на вчерашниот ден добиле 4.000 согласности од родители, што е четирикратно повеќе од бројот на согласности кој им бил потребен за да го почнат скринингот.
Комисијата за заразни болести предложи да се спроведе скрининг врз школските деца откако беше забележано благо покачување на инфицирани на возраст од 6 до 14 години по почетокот на второто полугодие.
Ж. ЗДРАВКОВСКА