ОД ДЕНЕС ОТВОРЕН ПОВИКОТ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ СЕ АПЛИЦИРА САМО ЕЛЕКТРОНСКИ

    ОД ДЕНЕС ОТВОРЕН ПОВИКОТ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ СЕ АПЛИЦИРА САМО ЕЛЕКТРОНСКИНа над 5.000 граѓани на Скопје ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ. (Фото: К.Попов)

    Од денеска отворен е повикот на Град Скопје за субвенционирање за набавка на инвертер клими. Граѓаните ќе можат да аплицираат само електронски.  Тоа значи дека апликациите нема да се примаат во барака 16 како што беше досега кога се делеа субвенции за велосипеди и тротинети.

    Од Град Скопје велат дека аплицирањето е електронски со цел да не се создаваат гужви пред бараките на Град Скопје поради пандемијата на КОВИД-19.

    „Согласно со условите на овој јавен повик се отвора можноста за над 5.000 граѓани на Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ. Сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на повикот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од први јануари до завршувањето на повикот односно до исцрпување на средствата“, рече портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.

    Граѓаните кои ќе аплицираат за инвертер ќе треба да ја дадат печката на јaглен, дрва или нафта на која се грееле до сега.

    Со овој проект на Владата за намалување на аерозагадувањето, покрај Град Скопје, се опфатени и општините Битола, Тетово и Кичево. Вкупно за оваа намена од државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се обезбедени 10 милиони евра. Најмногу пари се префрлени на Град Скопје и тоа 5,2 милиони евра за 5.200 граѓани, потоа на Општина Битола 2,5 милиони евра за 2.500 граѓани, на Општина Тетово 1,5 милиони евра или за 1.500 жители и на Општина Кичево 800.000 евра за 800 жители.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира