Во Основниот суд во Тетово продолжи главната расправа за случајот со пожарот во модуларната ковид болница кој се случи на 8 септември лани. Во доказната постапка јавниот обвинител речиси еден час го читаше списокот со насловите од доказите кои ги прибавил во врска со овој случај. На ваквиот начин на презентирање на доказите реагираше одбраната на тројцата обвинети Флорин Бесими, Артан Етеми и Бобан Вучевски и на правното лице односно Клиничката болница во Тетово, која сакаше да даде бројни приговори, но судијата Јордан Велков не дозволи во фазата на читање на списокот на докази одбраната да дава приговори туку тоа го дозволи откако беше прочитан целиот список на докази.
Откако доби збор, одбраната изнесе бројни забелешки, меѓу кои и тие дека дел од доказниот материјал е напишан на англиски јазик без да има превод и на македонски јазик, дека некои докази кои ги прочита обвинителот не им се доставени на одбраната, дека има документи кои се фотокопии и на кои им недостасуваат потпис и печат и дека тие докази не се валидни.
На ова, судијата Велков истакна дека за тоа дали спорните докази се валидни или не се треба да одлучи судот во понатамошната постапка.
Со оглед на тоа дека денеска заврши делот во кој се читаа предложените докази од обвинителството, судијата Велков ја одложи главната расправа затоа што не беа присутни предложените сведоци на обвинителството. Наредното рочиште е закажано за 16 јануари.
Пред почетокот на судењето пред судот во Тетово се собра група на граѓани кои сакаа да му дадат поддршка на обвинетиот д-р Бобан Вучевски, велејќи дека тој е неправедно обвинет за пожарот во модуларната болница.
„За време на ковид кризата, д-р Бобан го даде својот максимум и покажа како треба да изгледа еден доктор. Затоа ние денес го повикуваме јавното Обвинителство да размисли за нивните предлози и каква одлука ќе донесе судијата. Во ниеден случај не смее да се амнестираат виновници, меѓутоа вистинските виновници не се денес овде во судот. Да се работи за лекарска грешка, во ред, но овде се работи за техничка грешка за која треба да одговара некој друг“, беа дел од изјавите на учесниците на мирниот протест пред судот во Тетово.
З. АНДОНОВ