ОХРИД ГИ ЕВИДЕНТИРА ШТЕТИТЕ ОД МАРТОВСКИТЕ ПОПЛАВИ, АМА КОНЕЧНИОТ ЗБОР ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЌЕ ГО ДАДЕ ВЛАДИНА КОМИСИЈА

    ОХРИД ГИ ЕВИДЕНТИРА ШТЕТИТЕ ОД МАРТОВСКИТЕ ПОПЛАВИ, АМА КОНЕЧНИОТ ЗБОР ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЌЕ ГО ДАДЕ ВЛАДИНА КОМИСИЈАСамо за Охрид поднесени се 86 барања за проценка на штета во вкупен износ од 320.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Градскиот Совет на Охрид на последната седица донесе одлука за обештетување на правните и физичките лица кои претрпеа штети од поплавите во  градот и околината во  март годинава. Вкупниот износ на проценетата штета изнесува 19.876.657 денари или околу 320.000 евра.

    До Комисијата за проценки на штети и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи поднесени се вкупно 129 барања, од кои 102 се барања за настанати штети на индивидуални куќи и станови, со вкупна површина од 7.217,45 метри квадратни, а 27 се барања за настанати штети на деловни субјекти на деловни простори, здравствени установи, ресторани, хотели, плажи, изградени платформи, надворешни и внатрешни ѕидови, паднати тавани, метални и дрвени конструкции со вкупна површина од 6.005,40 метри квадратни.

    „Комисијата за проценки на штети и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи беше должна да излезе на терен и да ги евидентира сите штети пријавени од физички и правни лица, не навлегувајќи во тоа дали се работи за легални објекти или не. Овие проценки ќе бидат доставени до владината Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди. Тие врз доставениот елаборат од општинската комисија ќе одлучуваат за кои објекти ќе бидат доделени средства за обештетување, на физички или правни лица“, велат од Одделението за односи со јавност при локалната власт.

    Само за Охрид  поднесени се 86 барања за проценка на штета на  оштетени индивидуални куќи и станови, метални и дрвени платформи, потпорни ѕидови од камен, кровни конструкции и слично со површина од 5.956,85 метри квадратни. Оценета е штета во износ од 6.812.010 денари (110.000 евра) средства во сопственост на граѓани.

    Поднесени се  27 барања за проценка на штета кај деловни субјекти, за оштетени  станови, индивидуални куќи, здравствени установи, ресторани, хотели, плажи, изградени платформи, надворешни и внатрешни ѕидови, паднати тавани, метални и дрвени конструкции  со површина од 6.005,00 метри квадратни . Оценета е штета од 12.011.225 денари (195.000 евра) во сопственост на деловни субјекти.

    Уште пред да стави оваа точка на дневен ред, охридските советници на координација имале забелешка на некои  бизарни барања за надомест на штета, како што се напукнати бетонски бранобрани на плажи, дисплеи на компјутери, столици, но на крајот точката е прифатена онака како што е предложена.

    На 17 март годинава, на подрачјето на општина Охрид се случи  силно  невреме со обилни врнежи на дожд проследено со силен ветар од 90 километри на час и бранови што предизвикаа поплави и дојде до големи оштетувања на крајбрежниот дел, оштетени летни тераси од кафулиња во стариот дел од градот, оштетени кровови, паднати дрвја, оштетени автомобили од паднати дрвја, поплавени индивидуални куќи.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира