ОПШТИНА ОХРИД ГИ ЧЕКА ПАРИТЕ ОД ВЛАДАТА ЗА ДА ПРОДОЛЖИ СО РУШЕЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ

    ОПШТИНА ОХРИД ГИ ЧЕКА ПАРИТЕ ОД ВЛАДАТА ЗА ДА ПРОДОЛЖИ СО РУШЕЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕОпштината нема доволно средства сама да се справи со отстранувањето, па токму затоа овој процес запре по рушење на само неколку дивоизградени објекти; - Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески. (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид ќе продолжи со уривање на дивоградбите по добивањето на средствата кои Владата со ребалансот ги предвиде за имплементација на препораките на УНЕСКО, како помош за справување со нелегално изградените објекти. Општината нема доволно средства сама да се справи со отстранувањето, па токму затоа овој процес запре по рушење на само неколку дивоизградени објекти.

    „Средствата кои се останати по последната тендерска постапка се многу мали. Треба да обезбедиме дополнителни средства за да продолжи акцијата за уривање. Ги чекаме средствата од ребалансот кој го изгласа Парламентот да ни бидат префрлени на посебна сметка на Општината, по што ќе распишеме брза постапка и кога ќе имаме нов договор со фирма за отстранување веднаш ќе продолжиме со процесот за отстранување на дивоградбите. Процесот е скап. Цените коишто ги добиваме на тендер се високи и тешко се наоѓа фирма за отстранување“, изјави градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

    Акцијата ќе продолжи со бесправно изградените објекти вдолж Охридското Езеро. Во тек е тендерска постапка за изработка на урбанистичка документација за плажите која, според најавите на градоначалникот, ќе заврши до јануари наредната година, по што ќе следи нов оглас за давање на плажите под концесија.

    „Најпрво ќе се урива сè она што е во и покрај вода. Знам дека тие објекти се репрезентативни и навистина е штета што треба да се отстранат, но земјиштето мора да се врати во првобитна состојба. Не постои правна рамка како ние да ги легализираме тие објекти па потоа да го издаваме земјиштето на друг сопственик, кога објектот не е наш. Нема законска можност објектот да стане сопственост на Општината и да се издава таа плажа со објект“, вели Георгиески.

    Георгиески смета дека стратешката евалуација согласно Планот за управување ќе одреди кои објекти ќе бидат предмет на отстранување, односно кои објекти можат, а кои не да се се вклопат во наредни урбанистички планови.

    „Не гледам причина и понатака да ги стопираме легализациите или издавањето одобренија за градба на тие објекти кои се усогласени со планот за управување“, вели охридскиот градоначалник.

    Георгиески по денешната седница на Советот на Општина Охрид на која беше усвоен ребалансот на буџетот кажа дека Општината го намалила и долгот со што повеќе не е на првото место на листата задолжени општини.

    „Најголем успех на оваа локална власт е раздолжувањето на Општината. Долгот од 1.600.000.000 денари кој го наследивме во 2017 година, го сведовме на ниво 470 милиони денари по сите основи, па така по скоро две децении, Општина Охрид повеќе не е на првото место на листата на најголеми должници како локална самоуправа“, рече Георгиески.

    Тој кажа и дека во програмата Градоначалник патните и дневните расходи со новиот ребаланс се скратени за 355.000 денари.

    „Сите средства што ми се исплатени на име патни и дневни расходи во 2020 година на крајот на годината ќе ги уплатам на сметката на Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост ‘Зраци’“, кажа Георгиески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира