ПАРИ ВО БУЏЕТОТ ЗА НОВИ АВТОБУСИ НЕМА, НО НАБАВКА ЌЕ ИМА, РЕЧЕ СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА АРСОВСКА

    ПАРИ ВО БУЏЕТОТ ЗА НОВИ АВТОБУСИ НЕМА, НО НАБАВКА ЌЕ ИМА, РЕЧЕ СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА АРСОВСКААрсовска не кажа како ќе се набават автобусите ниту кога, само обвини дека се прават манипулации во јавноста со нејзните ветувања во изборната програма.(Фото: К.Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека нови 250 еколошки автобуси за Скопје ќе бидат набавени и покрај тоа што во буџетот на Градот нема пари. Арсовска на пуштањето на нова печка за согорување отпад на депонијата Дрисла обвини дека се прават манипулации во јавноста со нејзните ветувања во изборната програма, но не кажа како ќе се набават автобусите ниту кога. 

    Самите знаете во каква состојба е оставен буџетот на Градот, пари во редовниот буџет нема. Меѓутоа набавка ќе има. Сето она што е ветено во програмата за модерно Скопје ќе биде реализирано затоа што граѓаните тоа го заслужуваат, а не затоа што некој од другата страна сака да види неуспех. Да биле кадарни оние кои сега зборуваат немало само 5 проценти од програмата да реализираат и за тоа да бидат казнети од граѓаните“, рече Арсовска.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК на 10 февруари објави дека годинава нема да почне набавката на 250 автобуси за кои се потребни 75 милиони евра бидејќи за тоа не се предвидени пари од буџетот, а од кабинетот на Арсовска не кажаа дали се обезбедени средства од други извори. И самата Арсовска кажа дека Градот не може да зема кредит бидејќи веќе е задолжен, туку само вели дека пари ќе се бараат од донатори, но досега не информирала дека се најдени и од каде.

    Арсовска во кампањата покрај нови 250 автобуси вети и бесплатен превоз за сите граѓани. Ниту тој годинава нема да се воведе, туку за две години оти и јавното претпријатие ЈСП Скопје, како што кажа градоначалничката, се наоѓа во лоша состојба и мора прво да се консолидира.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира