ПЛАНИНАРКАТА ИЛИНКА РИСТЕВСКА ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА КОЈА СО ДОБРОВОЛЦИТЕ ГО ГАСНЕШЕ ПОЖАРОТ НА ПЕЛИСТЕР

    ПЛАНИНАРКАТА ИЛИНКА РИСТЕВСКА ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА КОЈА СО ДОБРОВОЛЦИТЕ ГО ГАСНЕШЕ ПОЖАРОТ НА ПЕЛИСТЕРРистевска со доброволците пожарот на месноста Семафори го гаснеа до два и пол часот по полноќ, во мрак на тешко пристапен терен и студено време (Фото:СДК.МК)

    Планинарката Илинка Ристевска од Битола беше единствената жена која вчеравечер учествуваше во гаснењето на големиот пожар во Националниот парк Пелистер. Таа доброволно се вклучи во акцијата и бестрашно учествуваше во гаснењето рамо до рамо со своите колеги планинари и други доброволци од Битола. Тие огнот го гаснеа до два и пол часот по полноќ, во мрак на тешко пристапен терен и студено време.

    „Планинарка сум долго време и многу ми значат планината и животната средина. Самата помисла дека има пожар на Пелистер ме натера без размилсување да се вклучам во акцијата. Одлучив да дадам сѐ од себе и да се адаптирам во ситуацијата. Напорно беше, но психичкиот и здравствениот бенефит што го добиваме од планината е многу повеќе отколку напорот што го вложуваме“, вели Ристевска.

    Таа не само што учествуваше во гаснењето на огнот, туку утрово за да стигне навреме на работа по непроспаната и огнена ноќ, слегла пеш од месноста викана Семафори на надморска височина од 1.800 метри до Лак Поток, кај потпелистерското село Ниже Поле.

    „Морав да стигнам точно на работното место, па низ планината слегов пеш за 53 минути. И друг пат сум сум слегувала по овој пат, но тогаш не толку брзо зашто кога пешачиме уживаме и во убавините на планината, а сега брзав“, додава Ристевска.

    Со акцијата на доброволците беше ставен крај на пожарот кој вчера попладне го зафати Пелистер.  Во гаснењето беа вклучени членови од планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, здружението на возачи на џипови „Оф роуд“ и други здруженија и граѓани од Битола. Тие со џипови се качија на местото кое гореше и гаснеа со метални метли и лопати. Пожарот беше изгаснат околу 2,30 часот по полноќ, но се уште има жаришта кои тлеат.

    Според раскажувањето на битолчани кои учествувале во гаснењето, во текот на ноќта на терен биле 40-тина доброволци, а имало мал број на пожарникари.

    „Вчера попладнето гаснеа вработени од Националниот парк, пожарникари и од Дирекцијата за заштита и спасување. Кога падна мрак повеќето од нив изморени заминаа од терен. Поради ветерот, пожарот се засилуваше. Доброволците стигнавме околу 22 часот. На терен имаше двајца-тројца пожарникари, беа оставени без возило. Времето беше многу ладно. Иако препораката беше да не се гасне поради напристапниот терен, туку да се внимава пожарот да не префрли преку патот, почнавме да гаснеме“, вели Симе Алушевски, планинар од Битола и учесник во гаснењето.

    Огнот за среќа не ја зафатил високостеблеста шума кај изворите на Шемница иако пламените јазици стигнале близу до неа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира