Со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за Расадник на скопската Општина Кисела Вода предвидената површина за домување е 943.771 метри квадратни, што е спротивно од Генералниот урбанистички план (ГУП), каде стои дека површината за домување треба да е 260.000 метри квадратни. Ова го покажува анализата направена од стручни лица, архитекти, урбанисти и правници, пријатели и припадници на иницијативата „За Расадник на можности“, кои новиот Детален урбанистички план за Расадник го сметаат за штетен и мегаломански, кој неколкукратно ги надминува сите параметри на хумано живеење, односно има надминување на параметрите од ГУП-от за 683.771 метри квадратни.
Просторот на Расадник сега е празен и неизграден, а е на едвај 2 километри од строгиот центар на Скопје. Според спорниот ДУП, засега од нацртаните 100 згради во Расадник избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста. Од Општината велат дека трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката и треба да донесат уште над 8.000 жители.
Во анализата на Иницијативата се вели дека согласно параметрите од ГУП-от за Ј14 Расадник, максимален дозволен број жители е 8,000 жители, додека со ДУП-от согласно стандардите за метри квадратни по жител се предвидени 29.039 жители, што е надминување на параметрите од ГУП-от за 21.039 жители. Просечниот број на семејства е 2.222, додека со ДУП-от согласно стандардите се предвидени 8.066 семејства.
„Согласно параметрите од ГУП-от, минималната површина под јавно зеленило е 1.56 хектари додека со деталниот план се предвидени 0,47 хектари што е под долната граница на ДУП-от за 1,09 хектари. Делот на Расадникот кој не е изграден е со вкупна површина од 32 хектари од кои 60% или 18.000 метри квадратни се во приватна сопственост додека 14.000 метри квадратни се во државна сопственост. Во ДУП-от има промени на намени, па наместо постоечки фабрики и други капацитети сега се предвидуваат десетици станбени згради. Сите јавни објекти меѓу кои училиште, градинка, како и јавното зеленило се ставени под или во непосредна близина на постојните далноводи, што значи невозможност на нивна изградба во блиска иднина“, стои во анализата на иницијативата „За Расадник на можности“.
Од Иницијативата објаснуваат со деталниот план на поедини сопственици дадена им е можност со учество од 30 % сопствено земјиште по пат на дооформување, а на штета на државното земјиште, да се стекнат со илјадници метри квадратни државно земјиште.
„Дооформувањето се прави со непосредна спогодба помеѓу физичкото лице и градоначалникот на Општината во која е изработен урбанистичкиот план и се продава без јавна лицитација по цена која што градоначалникот ја утврдува. Интересен е фактот што конкретно во градска четврт Ј14 Расадник имаме земјиште во сопственост на Република Македонија 40% и земјиште во приватна сопственост 60%. Зошто покрај толку голем процент на земјиште во сопственост на Република Македонија не се предвидат повеќе зелени површини или поточно класа на намена Д – Зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори?“, велат од Иницијативата „За Расадник на можности“.
Од таму прашуваат зошто ако веќе мора земјиштето да е со намена А – Домување, тогаш на катастарските парцели кои се во сопственост на Република Македонија мора да се нацртаат згради, а не куќи.
„Зошто целата постапка за ДУП-от се одвивше тајно, спротивно на Член 50 од Закон за урбанистичко планирање кој вели дека Јавната презентација и јавната анкета ја организира органот кој е надлежен за постапката за изработување и донесување на планот, кој најмалку 15 дена претходно доставува повик до сите учесници во презентацијата и анкетата? Повикот до учесниците се упатува преку информацискиот систем е-урбанизам, се објавува на веб-страната на општината и се огласува со печатени плакати и соопштенија во и околу подрачјето на планскиот опфат. Општина Кисела Вода, освен објавата на веб-страната на Општината, повторната јавна анкета и јавна презентација не ја објави како што пропишува Законот, што оди во прилог на фактот дека овој ДУП се сака да се протурка на мала врата и незаконски“, велат од Иницијативата.
- ОД СТОТЕ ЗГРАДИ КАЈ РАСАДНИК, ИЗБРИШАНИ МАРКИЧКИ САМО ЗА ТРИ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТЕМЕЛКОВСКИ ВЕЛИ ПЛАНОТ ЌЕ ОВОЗМОЖИ ХУМАНО ЖИВЕЕЊЕ, А ЌЕ ДОНЕСЕ 8.000 НОВИ ЖИТЕЛИ
- ЗА ТРИ ПАТИ СЕ НАМАЛЕНИ ПОВРШИНИТЕ ЗА ГРАДБА НА ЗГРАДИ ВО РАСАДНИК ОД ОНА ШТО СЕ ДОЗВОЛУВАШЕ СО ГУП-ОТ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ
А. АНТЕВСКА