ПЛОШТАДОТ ФИЛИП ВТОРИ Е ЗАПУШТЕН И СТАНА ДИВ ПАРКИНГ, ГРАД СКОПЈЕ ГОДИНАВА НЕ ПЛАНИРА ДА ГО СРЕДИ ОТИ НЕ Е ПРИОРИТЕТЕН

    ПЛОШТАДОТ ФИЛИП ВТОРИ Е ЗАПУШТЕН И СТАНА ДИВ ПАРКИНГ, ГРАД СКОПЈЕ ГОДИНАВА НЕ ПЛАНИРА ДА ГО СРЕДИ ОТИ НЕ Е ПРИОРИТЕТЕНПред две години скелињата на зградата беа тргнати откако беше завршена фасадата на Министерството за транспорт и врски, но делот околу зградата стои раскопан иако плоштадот беше поплочен кога беа правени фонтаните со спомениците од проектот „Скопје 2014“. (Фото: К. Попов)

    Раскопан, запуштен, со дупки, вирови, расфрлени шипки, железа и паркирани коли е плоштадот Филип Втори во строгиот центар на Скопје. Откако пред десет години почна реновирањето во барок на зградата на Министерството за транспорт и врски, половина плоштад беше заграден поради градилиштето. Пред две години, скелињата на зградата беа тргнати откако беше завршена фасадата, но делот околу зградата стои раскопан иако плоштадот беше поплочен кога беа правени фонтаните со спомениците од проектот „Скопје 2014“.

    Преку целиот ден и навечер плоштадот е и паркинг. Коли слободно влегуваат од делот кај зонското паркиралишпте на ЈП „Градски паркинг“ кој се наоѓа долж булеварот Гоце Делчев, бидејќи нема рампа за да се спречи нивниот влез. Па раскопаниот дел меѓу фонтаната на Филип Втори и зградата на Министерството, како и делот пред скалите за влез во Старата скопска чаршија е со паркирани коли. Возила слободно влегуваат и во паркот Ибни Пајко, бидејќи столпчињата и бетонската препрека поставена во овој дел се отстранети.

    Преку целиот ден и навечер плоштадот е и паркинг. Коли слободно влегуваат од делот кај зонското паркиралишпте на ЈП „Градски паркинг“ кој се наоѓа долж булеварот Гоце Делчев, бидејќи нема рампа за да се спречи нивниот влез. (Фото: К. Попов)

    Од Град Скопје велат дека годинава не планираат градежни активности за средување на овој дел од центарот на градот.

    „Плоштадот Филип Втори е еден од поновите плоштади изградени во Скопје, а воедно градот има и други приоритетни локации за санирање, па оттаму за оваа година не е предвидена реконструкција или поголема санација на истиот“, велат од Град Скопје.

    Уредување на овој простор не е предвидено ниту од Министерството за траспорт и врски, иако беше раскопан поради градежни работи за зградата. Од таму велат тоа е надлежност на Град Скопје.

    Возила слободно влегуваат и во паркот Ибни Пајко бидејќи столпчињата и бетонската препрека поставена во овој дел се отстранети. (Фото: К. Попов)

    На нашето прашање кога ќе биде пуштена во употреба зградата која се доградува 10 години, како и многупати досега и сега одговорија дека тоа ќе биде наскоро.

    „Започната е постапка за добивање на одобрение за употреба на административната зграда и роковите ќе бидат запазени согласно Законот. Во моментов, во тек е номинација на членови на Комисија за технички преглед. По формирање на Комисијата, извршен технички преглед и по добивање на одобрение за употреба на новата административна зграда, Министерството за транспорт и врски ќе ги ослободи просториите на зградата во која се наоѓа во моментов и ќе ги пресели своите канцеларии“, велат од Министерството за транспорт и врски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира