ПО 12 КМ МАРКО ПЕЈЧИНОВСКИ ГО ПРЕКИНА ПЛИВАЧКИОТ УЛТРАМАРАТОН ПОРАДИ БОЛКА ВО НОГАТА

    ПО 12 КМ МАРКО ПЕЈЧИНОВСКИ ГО ПРЕКИНА ПЛИВАЧКИОТ УЛТРАМАРАТОН ПОРАДИ БОЛКА ВО НОГАТАМарко, кој има некроза на ногата, пливаше за хуманитарната цел, за поддршка на лицата со ретки болести, а по 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро мина 11 километри и 840 метри. (Фото: СДК.МК)

    По испливани скоро 12 километри, 13-годишниот охриѓанец Марко Пејчиновски ноќва го прекина пливачкиот ултрамаратон на 64 километри на рутата Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид поради силни болки во ногата. Марко, кој има некроза на ногата, пливаше за хуманитарната цел, за поддршка на лицата со ретки болести, а по 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро мина 11 километри и 840 метри.

    „Желбата и волјата се крилја за големи дела.Нашиот Марко имаше силна желба и цврста волја да плива делница која е вистински предизвик за професионалните маратонци, а не за еден тринаесетгодишник. Сепак, поради силни болки во ногата беше приморан да го прекине соло маратонот во должина од 64 километри кој го посвети на лицата со ретки болести“, објавено е на неговит фејсбук профил.

    Денеска од 14.30 на пристаништето во Охрид Марко ќе присуствува на настанот за поддршка на лицата со ретки болести, а поставен е и пулт каде се продаваат маички од што приходтот ќе оди за хуманитарни цели.

    Марко, кој лани на 28 август ја преплива патеката од Свети Наум до Охрид долга 30 километри, има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел од ногата. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете и знае како да го синхронизира тоа.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира