ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ВО ВИЗБЕГОВО, НУРЕДИНИ И ШИЛЕГОВ НАЈАВИЈА ДЕКА ЌЕ СТАНЕ ПАРК

    ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ВО ВИЗБЕГОВО, НУРЕДИНИ И ШИЛЕГОВ НАЈАВИЈА ДЕКА ЌЕ СТАНЕ ПАРКДепонијата која зазема површина колку 10 фудбалски игралишта ќе биде расчистена за триесетина дена. (Фото: Град Скопје)

    Почна да се чисти дивата депонија во скопската населбата Визбегово која со години се таложеше со ѓубре, кое потоа се палеше и го загадуваше воздухот. Со градежна механизација ќе се чисти површина од 10 хектари, а како што најавија министерот за животна средина Насер Нуредини и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, просторот потоа ќе биде зазеленет.

    „Овој проблем постои повеќе децении и директно влијаеше врз квалитетот на воздухот, бидејќи депонијата често се самозапалуваше или ја палеа несовесни граѓани. Денешната акција е доказ дека извонредната соработка меѓу локалната и централната власт може да резултира со конечно решавање на ваквите проблем“, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и најави зголемени контроли на инспекциските служби.

    Се очекува дивата депонија, која зазема површина колку 10 фудбалски игралишта, да биде расчистена за триесетина дена при што ќе бидат расчистени околу 50 метри кубни комунален смет и шут, ќе се израмни и ќе се заштити подрачјето, за овој простор од депонија да прерасне во зелена површина.

    Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека иако депониите се надлежност на општините, Министерството како централна власт  ја поддржува локалната власт и помага да се исчисти една од најголемите еколошки закани на подрачјето на Град Скопје.

    „Денеска почнуваме со чистење на една од најголемите еколошки закани на подрачјето на Скопје, која особено во зимскиот период влијае врз квалитетот на воздухот, но и на почвите. Свесни за тоа, со ребалансот на државниот буџет Министерството побара средства за чистење на депонијата во Визбегово во вредност од 20 милиони денари. Очекувам дека ова е последен пат да го гледаме Визбегово во ваква слика и со заложбата заедно со општините и Градот Скопје овој простор да стане успешен пример за рехабилитација и зелена животна средина“, кажа министерот Нуредини.

    К. СЕЛАМОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира