ПОСЛЕДНИТЕ КОНСУЛТАЦИИ НА КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ ЗАЕВ И АХМЕТИ БЕА ВО БУРЕКЏИЛНИЦА

    ПОСЛЕДНИТЕ КОНСУЛТАЦИИ НА КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ ЗАЕВ И АХМЕТИ БЕА ВО БУРЕКЏИЛНИЦАЗаев, Ахмети и Арифи се сретнаа во една бурекџилница во Тетово спроти средното медицинско училиште заради координација пред вториот круг на локалните избори в недела (Фото: СДК.МК)

    Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва, на три дена пред вториот круг на локалните избори, се сретна со лидерот на коалициониот партнер ДУИ Али Ахмети во една бурекџилница во Тетово спроти средното медицинско училиште, заради координација. По получасовната средба на која беа и преставници од најтесното раководство на ДУИ, меѓу кои и беше и Теута Арифи, Зоран Заев изјави:

    „Денеска сме овде во поддршка на актуелната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арфи, заедно како коалициони партнери и тоа уште од првиот изборен круг кога ја објавивме нашата коалиција за локалните избори. Ова што го правиме како политички партии е вредно за почит и ние се гордееме како лидери на политички партии со тоа, затоа што веројатно од осамостојувањето на Македонија прв пат се случува уште пред изборите да се склучат коалиции на многу транспарентен начин“.

    Али Ахмети исто така истакна дека ова е средба на коалициони партнери на која биле разменети информации за досегашните активности на партиите.

    „Заеднички анализиравме и реципрочно се информиравме околу почитувањето на предизборниот договор при што заклучивме дека договорот функционираше добро на сите нивоа. Оваа кампања беше многу динамична па ние дури сега, по прв пат, се среќаваме од постигнувањето на договорот пред изборите.

    Одговарајќи на прашање за односите во владеечката коалиција Заев рече:

    „Не навлегуваме во коалициите иако имаме прилично незгодна состојба со еден од коалиционите партнери. Но тоа е негово право, ова се локални избори, а тие се различни од парламентарните и ги оставаме секој на својата одговорност. Господинот Зијадин Села одлучи да влезе во коалиција со БЕСА, а некаде и со ВМРО-ДПМНЕ, тоа е негово право, а тој си носи одговорност и пред своите гласачи“.

    Пред оваа средба Зоран Заев и Теута Арифи имаа заеднички предизборен митинг во Тетово, каде Заев побара од тетовци да ја поддржат Теута Арифи во вториот круг од гласањето на локалните избори в недела, 29 октомври.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира