ПРЕСПА ВО ПРИВАТНИ КУЌИ ЌЕ ПОНУДИ ДИСТАНЦА ЗА ТУРИСТИТЕ, ПЛАЖИТЕ ГИ ЧЕКААТ ПРОТОКОЛИТЕ ЗА РАБОТА ОД ВЛАДАТА

    ПРЕСПА ВО ПРИВАТНИ КУЌИ ЌЕ ПОНУДИ ДИСТАНЦА ЗА ТУРИСТИТЕ, ПЛАЖИТЕ ГИ ЧЕКААТ ПРОТОКОЛИТЕ ЗА РАБОТА ОД ВЛАДАТАПлажите сѐ уште не се официјално отворени бидејќи се чека Владата да ги донесе протоколите за работа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пред високите температури попушта и стравот од коронавирусот, па Преспа постепено почнува да се полни со туристи. Ги нема во голем број на плажите, но се среќаваат по десетина како уживаат на брегот и во Езерото, запазувајќи растојание меѓу семејствата или групите. Плажите сѐ уште не се официјално отворени бидејќи се чека Владата да ги донесе протоколите за работа.

    Населбата Претор изминативе денови постепено се полни со туристи, а сѐпобројни се и семејствата потекнуваат од овој регион и имаат свои куќи, па годинава неможејќи да патуваат надвор од земјава летниот одмор ќе го поминат во родното место.

    „Во овој период од летото македонските туристи ги полнеа грчките плажи. Но годинава тоа не е случај поради стравот од коронавирусот, протоколите на грчката влада, контролите и карантинот за позитивни странски државјани. Селата во Преспа овозможуваат да се пречекаат повеќе туристи кои ќе бидат на дистанца, поточно сместени во одделни викендици, има повеќе плажи долж Езерото за туристите да бидат на растојание, патеки за прошетка. Нема некој многу богат ноќен живот, но има чиста природа“, вели Нада Гроздановска од Претор.

    Преспа изминативе денови постепено се полни со туристи, а сѐ побројни се и семејствата потекнуваат од овој регион и имаат свои куќи; – Плажата во селото Долно Дупени. (Фото: СДК.МК)

    Преспа нема големи хотели, но има приватни куќи кои можат да обезбедат сместување за туристите летово. Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека се преземаат активности повеќе приватни објекти околу Езерото да направат категоризација за да примат туристи.

    „Поради целокупната ситуација со КОВИД-19 имаме намален број на посети на нашата општина. Очекувам во овој период најбрзо што може да добиеме препораки за плажите, а со тоа и концесионерите да се приготвуваат околу туристичката сезона. Она што е специфично за Ресен освен прекрасната природа, се убавите рурални села и како Општина со мал број сместувачки капацитети презедовме активности, а тоа ќе го правиме и во идниот период со цел што повеќе приватни куќи кои се наоѓаат околу брегот на Преспанското Езеро да направат категоризација на приватното сместување“, рече Гошаревски.

    Општина Ресен ќе им излезе во пресрет околу обезбедување на подобри услови за престој, уредување на плажите и други активности за стимулирање што повеќе туристи летово да ја посетат Преспа.

    „Со оглед на сегашната ситуација туристите бараат изолирани места, семејни места каде што ќе можат да дојдат со своето семејство, а тоа е она што ние како Преспа можеме да го понудиме“, вели градоначалникот Гошаревски.

    Преспа нема големи хотели, но има приватни куќи кои можат да обезбедат сместување за туристите летово. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За работата на плажите се чекаат препораки од Кризниот штаб и од Владата.  Викендов некои плажи започнале со работа, но угостители велат дека имало и инспекции кои контролирале дали се работи во време на забрана.

    „Со протоколите што се донесени можат да работат хотелите и угостителски објекти, а тоа се подразбира и за оние кои се на плажите, но посебен протокол за мерки на плажа не е донесен. Битолчани и скопјани има по викендици, но ресенчани слабо, во многу лоша психичка состојба се со порастот на бројката со коронавирусот“, велат угостители.

    Дури 56 проценти од вкупната бројка за заболени на територијата што ја опфајќа Центарот за јавно здравје од Битола, а тоа се Битола, Кичево, Демир Хисар и Ресен, се случаи во Ресен. Од почетокот на пандемијата на овој поширок регион позитивни на КОВИД-19 се евидентирани 182 лица, од кои 102 од Ресен. Од нив дури 96 се активни случаи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари