За 10,6 отсто се намалени приходите на Град Скопје лани споредено со 2019. Ваквото намалување на остварените приходи во вкупниот буџет, како што велат од Градот е поради пандемијата на ковид-19.
Според годишниот извештајот за извршување на буџетот, во 2020 остварени се вкупни приходи од 6.044.759.756 денари, што е 76,7% со планираните. Расходите се 5.902.865.372 или 74,9% од она што било планирано да се потроши.
„Споредено со претходната 2019 година, остварувањето на приходите во вкупниот буџет на Град Скопје бележи намалување од 10.6% додека пак извршувањето на расходите, следејќи ја динамиката на реализација на планираните проекти, бележи зголемување од 10.4%. Вишокот на приходи од претходната година од 936.624.244 денари е потрошен претежно за основниот буџет, самофинансирачки активности и за донации“, велат од Град Скопје.
Коронакризата се одрази и на креирањето на буџетот на Градот за оваа 2021. Буџетот е за 8,5 отсто помал во однос на ланскиот. Вкупниот буџет е 117 милиони евра, додека основниот 70,5 милиони евра.
А. АНТЕВСКА