ПРВИТЕ ЕКО АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ЌЕ СТИГНАТ ВО МАРТ, ВОЗАЧИТЕ НА ОБУКИ ВО ЗАГРЕБ

    ПРВИТЕ ЕКО АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ЌЕ СТИГНАТ ВО МАРТ, ВОЗАЧИТЕ НА ОБУКИ ВО ЗАГРЕБВкупно ќе бидат набавени 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници, кои воопшто нема да загадуваат. (Фото: ЈСП „Скопје“)

    Кон средината на март ќе стигнат првите автобуси на гас за ЈСП „Скопје“ од германскиот производител „МАН“. Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека деновиве се преземаат неопходните активности за испорака на новите еколошки автобуси, а тим од возачи ќе замине во Загреб на обуки.

    „Пред неколку дена наш тим се врати од Истанбул, каде беше на обука наменета за одржување на системот за валидација. Деновиве во Загреб ќе заминат возачи кои ќе треба да се запознаат и обучат за управување со новите возила, како и тим за сервисирање и одржување на автобусите. Испораката ќе оди фазно. Колку автобуси и од кој тип ќе стигнат во првата испорака во март, ќе знаеме во текот на наредната недела“, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.

    Според договорот кој беше потпишан лани во септември, ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Во сите автобуси ќе има дополнителна опрема, како вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички.

    „Зглобните автобуси ќе овозможат превезување на речиси двојно повеќе патници од двокатните и имаат поголем простор за движење. Новите возила имаат пониска бучавост, полесно и поевтино одржување, поголем век на траење. Сето ова гарантира зголемен квалитет, пристап и безбедност на јавниот превоз, а граѓаните ќе добијат побрз и поквалитетен превоз“, вели Чушков.

    Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Според постигната цена на тендерот, еден единечен автобус чини 263.000 евра, а зглобните по 334.000 евра. Рокот на испорака на сите 33 автобуси е 10 месеци или до јуни годинава, но постигнат е договор со производителот „МАН“, сите автобуси во Скопје да стигнат пред предвидениот рок.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира