РОДИТЕЛИ И ПРОФЕСОРИ ВО МОНОСПИТОВО ПРОТЕСТИРАА ЗА ФИЗИЧКА НАСТАВА ОТИ ШКОЛОТО ИМА УСЛОВИ, А КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ НЕ ГИ ВИДЕЛА

    РОДИТЕЛИ И ПРОФЕСОРИ ВО МОНОСПИТОВО ПРОТЕСТИРАА ЗА ФИЗИЧКА НАСТАВА ОТИ ШКОЛОТО ИМА УСЛОВИ, А КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ НЕ ГИ ВИДЕЛАПрофесорите и родителите велат дека е нелогично ова училиште со само 130 ученика од прво до деветто одделение да не добие дозвола кога има доволен број училници и три влеза во училишната зграда. (Фото: СДК.МК)

    Револтирани што Комисијата за заразни болести не дала зелено светло за настава со физичко присуство, родителите на основците од училиштето ,,Борис Трајковски’’ од Моноспитово во Општина Босилово излегоа на протест и ги повикаа членовите на Коисијата да дојдат во школото, за да се уверат дека има услови децата да седнат во училишните клупи. Според нив, нелогично е ова училиште со само 130 ученика од прво до деветто одделение да не добие дозвола кога има доволен број училници и три влеза во училишната зграда, а паралелно платформата за онлајн настава не е доволно функционална.

    „Срамота е ова што се прави. Овде има доволен простор, а мал број ученици. Станува збор за ново училиште, старо само 10-тина години. Како родители се изјаснивме за физичко присуство, но во училишните клупи ќе седнат само учениците од прво до трето одделение. Нека дојдат и нека кажат зошто не дозволија, нека ни образложат зошто нашите деца нема да одат во училиште, а наставата ќе ја следат онлајн иако платформата, како што гледаме, уште целосно не е функционална. Сакаме нашите деца настава да следат во школото“, кажаа родителите.

    На протестот се приклучија и дел од просветните работници заедно со директорката на школото Соња Бучкоска. Тврдат дека навремено ги поднеле сите барања, а паралелно ги исполниле сите услови согласно владиниот план за изведување настава со физичко присуство. Се надевале дека ќе добијат зелено светло, откако Државниот просветен инспекторат при последната контрола констатирал исполентост на условите.

    „Нема објаснување зошто не добивме дозвола. Направивме сè согласно протоколот. Го исполнуваме просторниот капацитет, посебните влезови. Спроед мене лично, Комисијата за заразни болести работи по терк секое централно училиште да биде со физичко присуство до трето, а подрачните до петто одделение. Ние броиме 130 ученика. Имаме услови и планиравме две смени, во едната 60, а во другата 70 ученика. Не е во ред некое училиште каде има 400 ученика да добие зелено светло, а ние не. Јас јавно ја повикувам Комисијата да ја согледа фактичката состојба во ‘Борис Трајковски’“,  кажа Бучкоска.

    Според одлуката на Министерството за образование и наука, во Струмичкиот Регион речиси сите централни основни училишта не добија согласност за настава со физичко присуство, за што се носеа одлуки и во Советите на Општините. Одлуката за начинот на изведување на наставата ја дава Министерството но по препорака на Комисијата за заразни болести, која освен условите ја гледа и епидемиолошката слика на регионот.

    Струмица последниве денови бележи зголемен број позитивни од ковид -19. Досега, во овој регион заболени се 250 лица од кои 150 се активни. Според Институтот за јавно здравје, овој регион влегува во четвртата фаза места со широко распространета трансмисија во заедницата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира