Два и пол месеци по завршувањето на локалните избори, СДСМ и ДУИ денеска ја објавија коалицијата на локално ниво и мнозинството од 19 советници во Советот на Општина Куманово. На локалните избори коалицијата на СДСМ освои 16, ДУИ 3, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 11 советнички места, а Советот брои 33 советници.
СДСМ и ДУИ беа во колаиција и во претходниот советнички состав, па ја продолжија соработката и додека траеја преговорите, а претседателите на двата општински ограноци и градоначалникот денеска пред медиумите ја официјализираа соработката и го потпишаа меморандумот.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не сакаше да каже што точно содржи коалицискиот договор и дали ДУИ ќе ги задржи досегашните директорски и заменички мести во јавните претпријатија, установи и училиштата, поради помалиот број на советници на ДУИ во однос на предходниот Совет.
„Во овој договор во втор план се кадровските решенија, во прв план се она што се ветувања кон граѓаните и подобрување на животните услови на сите наши сограѓани“, рече Димитриевски.
На прашање на СДК.МК зошто ако политичкиот договор и распределбата на функционерските места не билаеклучни беше потребно толку долго време да се постигне договор со коалициониот партнер, Диитриевски рече:
„Требаше да се усогласат одредени ставови и согледувања и секако дека кадровската политика игра битно влијание во делот на договарањето, но таа не е приоритет број еден“.
Неофицијално, дознаваме дека ДУИ останува на директорските места во јавните претпријатија Пазариште и Куманово-паркинг, а го губи местото во училиштето во селото Романовце каде ќе се назначи директор Албанец од СДСМ, а во „Бајрам Шабани“ кандидатот ќе се бира со консензус. Домот за стари лица што досега беше на Алијансата на Албанците ќе го добие СДСМ и покрај тоа што го барала ДУИ.
С. НИКОЛИЌ