ШЕСТ КУЛИ ОД 20 ДО 35 СПРАТА СЕ ПЛАНИРААТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ФИРМАТА ПЛАНЕР НЕ ПОСТАПУВА ПО НАСОКИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ТУКУ НА ИНВЕСТИТОРОТ 

    ШЕСТ КУЛИ ОД 20 ДО 35 СПРАТА СЕ ПЛАНИРААТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ФИРМАТА ПЛАНЕР НЕ ПОСТАПУВА ПО НАСОКИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ТУКУ НА ИНВЕСТИТОРОТ Општината има проблем со цртањето на новиот план бидејќи планерот не постапува по нивните насоки за уредување на просторот и си тера по свое односно ги исполнува желбите на инвеститорот. (Фото: К.Попов)

    Шест згради со висина од 20 до 35 спрата се планираат со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.

    Новиот план за овој простор го изработува фирмата „Билд урбан“ која на тендерот распишан од Општина Центар понуди цена од 1 денар и победи со најниска понудена цена. Сега Општината има проблем со цртањето на новиот план со кој треба да се исправат грешките на претходниот бидејќи планерот не постапува по нивните насоки за уредување на просторот и си тера по свое односно ги исполнува желбите на инвеститорот. Поради тоа Општината бара правен начин за да го раскине договорот.

    Членови на Комисијата за изработка на новите урбанистички планови во Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК брифираат дека планот по трет пат е вратен кај планерот бидејќи не постапува по нивните барања со кои ќе се овозможи хумано живеење и планско уредување на просторот. На првите состаноци кои ги имале општинарите со планерите од „Билд урбан“ било договорено дека површината за градба нема да биде толку голема како што предвидува претходниот план бидејќи тоа нема да го издржи просторот, а и од многу институции биле дадени негативни мислења што не биле земени во предвид со претходниот план.

    „Услов од Општината беше дека просторот мора да биде отворен, да има пристап за јавноста. Барањето е да се испланира во средината плоштад, а околу него да бидат зградите, притоа тие да не бидат затворени туку да има влезови од сите страни односно да се следи принципот на Градски ѕид. Тој плоштад е планиран уште со планот на Кензо Танге. Замислата е плоштадот да биде поврзан со плоштадот Богородица, едниот плоштад да кумуницира со другиот. Сите странски урбанисти, планери и архитекти велат дека најголемо богатство на нашиот град е тоа што главниот плоштад е отворен кон реката и контактот со другиот плоштад е нешто што е уникатно за Скопје. Со вакво планирање просторот ќе биде јавен, јавноста ќе може од сите страни да пристапува на плоштадот и нема да имаме затворена заедница, нешто што е неприфатливо за центар на град“, велат членови на Комисијата која работи на новиот план за овој дел од центарот на Скопје.

    Планерите исто така не постапуваат ниту по барањето на Општината да биде предвиден простор за градинка на овој простор. Се игнорира и барањето да се дислоцира на друга локација една од кулите со што се нарушува принципот на отвореност на плоштадот кон кејот и реката Вардар. Во однос на катноста барањата биле таа да се намали односно да нема 60-катници, па затоа сега се добиени шест триесеткатници што е прифатливо за Општината доколку тие овозможат јавност на просторот.

    „Тој простор заслужува планско уредување бидејќи е последен простор во центар на градот. Затоа имаме и отпор и планот не е донесен. Планерот ни дава едно решение ние викаме не е постапено по нашите насоки, го враќаме и тие пак не постапуваат и така три пати до сега. Една од работите на кои инсистира планерот е да се постави зграда токму каде што е комуникацијата меѓу плоштадите. Ние бараме таа зграда кула да се повлече на друга страна, за да тој простор остане слободен за граѓаните кои доаѓаат од двете страни. Тоа конкретно е земјиште на црквата“, велат челнови на Комисијата.

    Со претходниот план на просторот кај „Холидеј ин“ се предвидуваа три 60-катници и само од две страни да има влез и излез од просторот. Таквото планирање велат урбанистите е создавање на масовна гробница бидејќи при евентуални катастрофи нема простор за заштита и спасување.

    Сопственици на просторот кај „Холидеј ин“ се фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“. Тие најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018 кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да го поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега е приватно и се бараат и планираат маркички за згради.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира