ШИЛЕГОВ ЌЕ ГРАДИ ТРАМВАЈ ВО СКОПЈЕ, ПРВАТА ТРАСА ОД НОВО ЛИСИЧЕ ДО ЃОРЧЕ ЌЕ ЧИНИ 150 МИЛИОНИ ЕВРА

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ГРАДИ ТРАМВАЈ ВО СКОПЈЕ, ПРВАТА ТРАСА ОД НОВО ЛИСИЧЕ ДО ЃОРЧЕ ЌЕ ЧИНИ 150 МИЛИОНИ ЕВРА„Претставници од Загрепски енергетски трамвај изготвија целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на трамвајот што како документ претставува доволен квалитет за да може да почнеме со изведбата“, вели Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје ќе се гради трамвај, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Петре Шилегов.

    Во соработка со збратимениот град Загреб од јануари годинава се работело на техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Решението е изготвено и како што вели Шилегов догодина очекува да стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје, кој ќе го помогне и Владата.

    „Уште при мојата посета на Загреб, во јануари, со градоначалникот Милан Бандиќ разговаравме околу можноста во Скопје да се изгради трамвај. Изминатиов период ги собрав искуствата од Загреб, Виена и Париз, со цел да ги видиме можности за воведување на шински јавен транспорт во Скопје, имајќи предвид дека станува збор за сериозно комплексна работа. Во Град Скопје постои студија која што дава определени показатели од времето кога градоначалник беше Трифун Костовски, но не претставува основ на кој може да вршите изведба. Затоа имајќи ги предвид добрите односи со Загреб, нивните технички и сообраќајни служби заедно со претставници од Загрепски електричен трамвај (ЗЕТ) неколку пати го посетија Скопје, извршија проверка на постојната студија и на трасата каде би се движел трамвајот. Станува збор за првата фаза од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо. Врз основа на тие податоци изготвена е целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на трамвајот што како документ претставува доволен квалитет за да може да почнеме со изведбата“, вели Шилегов.

    Според првичните проценки изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра. Парите ќе се бараат од европски фондови или од буџетот на Владата. Шилегов вели дека од 130 до 150 милиони евра за изградба на шините, депото и набавка на возила, не е прескапо особено ако се има предвид дека за набавката на двокатните кинески автобуси биле потрошени 80 милиони евра и повторно имаме проблем со јавниот транспорт во Скопје.

    „Заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски ги разгледувавме финансиските можности. Во фаза сме да се обратиме до нашите европски партнери да го помогнат развој на Скопје или Владата да одлучи да изврши финансирање. За мене е многу битно дека Градот конечно ги создаде условите да започне со реализација на овој проект, очекувам дека поддршката од Владата како што најави и премиерот Заев ќе биде сестрана и дека во текот на наредната година ќе почнеме со реализација на овој проект. Трамвајот во еден град го менува самиот град, го менува ликот на градот, навиките на граѓаните. Моите очекувања се дека со реализација на овој проект многу брзо јавниот транспорт во Скопје ќе стане финансиски исплатив имајќи предвид дека сега Град Скопје издвојува 9 милиони евра од буџетот за помагање на јавниот транспорт. Ова е едно трајно решение и повеќедецениска желба на скопјани“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари