ШПАНСКИТЕ СКАЛИ ЗАСЕГА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРИШАТ ОД ПЛАНОТ „МАЛ РИНГ“, ЗА ДИВОГРАДБАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА ИМА ШАНСИ

    ШПАНСКИТЕ СКАЛИ ЗАСЕГА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРИШАТ ОД ПЛАНОТ „МАЛ РИНГ“, ЗА ДИВОГРАДБАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА ИМА ШАНСИГрадоначалникот Богдановиќ вели дека поништувањето на одобрението за градба не е доволно за да се избрише маркичката за „Шпански скали“. Треба судот да го раскине договорот со фирмата „Амадеус девелопмент“ и земјиштето да се врати во државна сопственост; - Просторот за Шпански скали. (Фото: СДК.МК)

    „Шпанските скали“ засега не може да се избришат од новиот план „Мал ринг“ кој во моментов се прави во Општина Центар, а за дивоградбата споменик Мајка Тереза има шанси. Општина Ценатр пред месец и половина го презентираше новиот ревидиран план за строгиот центар на градот, но од него не беа избришани маркичките за овие два објекта, нацртани во време на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Владимир Тодоровиќ. Во моментов, во Општината се разгледуваат анкетните листови кои се поднесени со забелешки за планот, меѓу кои се и барањата на Град Скопје и на Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ да се избришат овие два објекта.

    На 27 август, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски ја потврди одлуката на Општина Центар за ништовност на одобрението за градба на објектот „Шпански скали“ на Плоштад Македонија, одбивајќи ја жалбата на инвеститорот „Амадеус девелопмент“. Но, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека ниту тоа не е доволно за да се избрише маркичката, објаснувајќи дека за да се случи тоа, треба да се раскине договорот за продажба на земјиштето и тоа да се врати во државна сопственост.

    „Не може туку така преку ноќ да се избрше таа парцела која е продадена на приватно лице и потоа Општината да ги плаќа сите грешки. Треба цела правна процедура да се доведе до крај, судот да донесе одлука за раскинување на  договорот со инвеститорот и потоа земјиштето да се врати во сопственост на државата, па дури потоа да се избрише маркичката за објектот“, вели градоначалникот Богдановиќ.

    За споменикот на Мајка Тереза, кој е дивоградба и со чија изградба се кршат низа закони, Богдановиќ вели дека има можност таа маркичка да се избрише од сегашниот план.

    „Тука мислам дека може да постапиме со заложби на други институции, односно на  Министерството за култура. Јас наредната недела ќе имам состанок со новата министерка Ирена Стефоска за да им ги појасниме постапките“, додава Богдановиќ.

    За објектот „Шпански скали“ и продажбата на државното земјиште во строгиот центар на градот, на 18 мај почна судењето против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетмина лица. Во обвинението се вели дека со своите дејствија за продажба на земјиштето обвинетите го оштетиле буџетот за 2,6 милиони евра.

    Станува збор за парцелата од 1.046 метри квадратни, односно просторот на Плоштадот, кој сега е плочник со тревник и лесно може да се препознае. Ова државно земјиште во 2013, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ преку Јанакиески го продаде на фирмата од Албанија „Амадеус груп“ за 1,5 милиони евра, за да се гради лажнобарокна зграда со скали надвор од купената парцела, истурени кон споменикот „Воин на коњ“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира