Пациент од Штип со ковид-19, кој по лекувањето во Клиничката болница и негативните тестови бил пуштен дома, сега пак е позитивен на вирусот. Од Клиничката болница во Штип велат дека 46-годишниот пациент сега повторно е на болничко лекување во Инфективното одделение.
„Пациентот кој беше излечен, пак е на болничко лекување на Инфективно во Штип. Заедно со него на одделението се наоѓаат уште 33 позитивни пациенти и 11 сомнителни кои се на испитување. Има паценти од Пробиштип, Кочани, Виница и Берово, но најмногу се од Штип“, вели директорот на Клиничката болница во Штип д-р Ален Георгиев.
Вчера и завчера во Штип за прв пат по еден месец беше забележан едноцифрен број на новозаболени од ковид-19. Но со оглед дека бројките секојдневно варираат, неопходна е максимална заштита од сите граѓани, апелира д-р Георгиев.
Тој напомена дека и покрај извесната стагнација на епидемијата, Клиничката болница заедно со Општина Штип ги продолжува активностите за изградба на монтажена коронастационар во кругот на болницата.
Т. ЈОВАНОВСКИ