Одделението за ортопедија во Штип, како регионален центар за ортопедија кој врши прегледи и прави операции на пациенти од цела Источна Македонија, е едно од најангажираните без разлика дали е во период на коронакриза или не, но недостигаат лекари и помошен персонал, велат вработените во ова Одделение при Клиничката болница во Штип.
Според началникот на Ортопедија д-р Зоран Шишков, сообраќајните и другите несреќи не може да се спречат, а згора на тоа има континуирана навалица на пациенти кои имаат дегенеративни проблеми и секојдевно бараат прегледи, третмани и терапија.
„Дневно имаме од 30 до 60 прегледи и разни хируршки интервенции од помал карактер, а најмалку 2-3 операции на ден се на колк, на нозе, раце и други делови на телото, вратни повреди или повреди на главата. Штипска ортопедија има потреба од нови доктори и друг медицински кадар затоа што целиот регион не може да се покрие само со 4 специјалисти ортопеди. Потребите се најмалку за уште 3 специјалисти и друг помошен персонал“, вели д-р Шишков.
Тој вели дека заедно со раководството на Клиничката болница во Штип се труделе од Министерството за здравство да обезбедат адекватен третман и во средства за набавка на најосновните ортопедски помагала и потрошен материјал.
„Не е логично и праведно некои новоформирани ортопедски одделенија во државата да добиваат иста, па дури и поголема подршка, а интервенциите и операциите кај нив да се 5-10 пати помали за разлика од штипското одделение“, вели д-р Шишков.
Т. ЈОВАНОВСКИ