СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА НЕ Е ПОПРАВЕНА И ЦЕЛА ГОДИНА ПО ПОПЛАВАТА ШТО ОДНЕСЕ 22 ЖИВОТИ

    СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА НЕ Е ПОПРАВЕНА И ЦЕЛА ГОДИНА ПО ПОПЛАВАТА ШТО ОДНЕСЕ 22 ЖИВОТИОд 27 јули затворена за сообраќај е насоката кон Тетово во делот каде што оштетувањата беа најголеми, па сообраќајот во двете насоки се одвива на правецот кон Куманово, каде што асфалтирањето е веќе завршено (Фото: СДК.МК)

    Поправките на оштетената скопска обиколница дочекаа годишнина од поплавата во која лани на 6 август загинаа 22 лица, од кои дел токму на оваа сообраќајница. Обновата на обиколницата почна лани на крајот на октомври и според договорот кој Јавното претпријатие за државни патишта го потпиша со Друштвото за градежништво, транспорт и трговија „Трансмет ДОО Скопје“, градежните работи требаше да завршат во февруари, годинава.

    Но и шест месеци по истекот на рокот, на обиколницата уште се работи. Од 27 јули затворена за сообраќај е насоката кон Тетово во делот каде што оштетувањата беа најголеми, па сообраќајот во двете насоки се одвива на правецот кон Куманово, каде што асфалтирањето е веќе завршено.

    Оштетувањата на коловозот беа најголеми во близина на клучката кај Стајковци каде што имаше најмногу жртви во невремето лани на 6 август. Експертите му замерија на Јавното претпријатие за државни патишта дека обновата на обиколницата не треба да подразбира само замена на асфалтот туку и сериозно преиспитување на системот за одведување на атмосферските води, но тоа се огласи за ненадлежно за изградба на дополнителен систем или ново решение (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие за државни патишта шест месеци не одговара на прашањата зошто доцни обновата на обиколницата и дали за тоа пенали ќе плати „Трансмет“ на Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство за проневера на 17 милиони евра, а не одговорија ниту на прашањето дали ќе бараат одговорност од фирмата која врши надзор на обновата. Друштво за инженеринг, проектирање и консалтинг „Евро консалтинг ДОО увоз-извоз Скопје“, за 32.000 евра, исто како и „Трансмет“ во итна постапка, без тендер, беше избрана да врши надзор. Од оваа фирма ни рекоа дека сите податоци околу надзорот и доцнењето на обновата треба да ги бараме од Јавното претпријатие за патишта.

    Обновата на обиколницата почна лани на крајот на октомври и според договорот кој Јавното претпријатие за државни патишта го потпиша со „Трансмет ДОО Скопје“ на Сеад Кочан, градежните работи требаше да завршат во февруари, годинава. Но и шест месеци по истекот на рокот, на обиколницата уште се работи;- по ланската поплава (Фото: СДК.МК)

    Од почетокот на обновата на обиколницата, лани, Јавното претпријатие одговори само на прашањата околу изборот на фирма која ќе ги изведува градежните работи. Поради итноста на постапката фирмата „Трансмет“ беше избрана без тендер, а од државата за обнова на обиколницата, според договорот требаше да добие 2,6 милиони евра. За овие пари „Трансмет“  доби обврска да обнови вкупно 1.500 метри од обиколницата на потегот од клучка Арачиново до клучка Стајковци, вклучувајќи ги двете клучки.

    Експертите му замерија на Јавното претпријатие дека обновата на обиколницата не треба да подразбира само замена на асфалтот туку и сериозно преиспитување на системот за одведување на атмосферските води, но претпријатието се огласи за ненадлежно за изградба на дополнителен систем или ново решение.

    Водата која лани надојде од Скопска Црна Гора го искрши асфалтот на обиколницата, а на насоката кон Тетово беше направена грпка повисока од еден метар. Екипи на Јавното претпријатие за државни патишта, заедно со екипи од „Македонија пат“ неколку дена по поплавата и оштетувањата, излегоа на терен и направија привремена санација, за да може да биде пуштена во употреба обиколницата на која сообраќајот беше сопрен во двете насоки оти не беше проодна. Дупките беа наполнети со асфалт, а големата грпка беше прилагодена за да може по неа да се вози, па цели три месеци, колку што се подготвуваше обновата, возилата се движеа како по минско поле.

    Скопската обиколница е една од поновите сообраќајници во градот. Беше пуштена во употреба 2009, по цели седум години градење. Таа е заеднички проект на „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“, ревидиран од Градежен факултет. Долга е 26,7 километри, за чија изградба беа потрошени 135 милиони евра.

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари