СО ХУМАНИТАРНА ПОМОШ СЕ ОБНОВУВА КУЌАТА КОЈА ИЗГОРЕ ВО ПОЖАР ВО ЈАНУАРИ ВО ТЕТОВО

    СО ХУМАНИТАРНА ПОМОШ СЕ ОБНОВУВА КУЌАТА КОЈА ИЗГОРЕ ВО ПОЖАР ВО ЈАНУАРИ ВО ТЕТОВОСо парите од донации за помош на Илија Серафимовски ќе се обноват две соби во куќата која изгоре во пожарот во јануари. (Фото: СДК.МК)

    Со средства добиени од хуманитарна акција, тетовци во населбата Колтук започнаа да ја обновуваат куќата на Илија Серафимовски, која во јануари оваа година до темел изгоре во пожар. За обновата на изгорената куќа на Серафимовски, кој е во тешка социјална положба, се вклучија повеќе граѓани од Тетово, фирми, беа добиени донации и од дијаспората, а дел од средствата даде и Општина Тетово.

    „По пожарот кога целосно изгоре куќата на Илија, Црковниот одбор при храмот Свети Никола во Тетово  оспособи дел од помошните простории за во кои тој беше привремено сместен. Бидејќи тој е самец, а во исто време и невработен и корисник на социјална помош, самиот не можеше да најде стан под наем или да биде сместен кај роднини. Со парите што успеавме во овој период да ги собереме за помош на Илија ќе се обноват две соби. За обновата Општината даде 150 илјади денари, а остатокот се обезбедени преку донации на хуманите граѓани. Изразуваме благодарност на сите што помогнаа и на сите кои и понатаму ќе помагаат да му се овозможи нормален живот за овој наш сограѓанин“, велат од иницијативниот одбор за собирање на помош за Илија Серафимовски.

    Во пожарот куќата на Илија целосно изгоре, а тој доби тешки изгореници. За малку ќе загинеше да не беше пожртвуваноста на неговиот сосед, 25-годишниот Мартин Милетиќ, кој влезе во запалената куќа и успеа да го извлече тешко повредениот Серафимовски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира